пишува: САШО ОРДАНОСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА
Договорот постигнат во Клубот на пратеници на средбата помеѓу Заев и Мицкоски покажува дека во Македонија здравата памет сè уште сосема не исчезнала, веројатно благодарејќи на „дотурањето“ на потребни дози од таа памет од стратегиските резерви кои се чуваат на сигурно и добро обезбедено место вон територијата на државава. Тој договор, ако се испочитува неговата операционализација – што е многу големо прашање, бидејќи, фала на прашање, ги надминува законските, а и демократските ингеренции на овие двајца партиски лидери – може да обезбеди помирни денови за македонската демократија, не само затоа што потенцијално отстранува неколку блесави блокади на важни закони што со месеци чекаат на усвојување во Собранието, туку и затоа што може да претставува почеток на детант во меѓупартиските односи во земјава со намалување на „нуклеарните боеви глави“ со чија употреба секојдневно се гаѓаат главните политички фактори.
Договорот, во суштина, ги остварува сите стратегиски придобивки за кои се залагаше Заев во последните неколку месеци, дури и под нивото на отстапки – каква што беше понудата за заедничка влада со опозицијата, на пример – на кои тој беше подготвен, барем реторички, да се согласи. Главната концесија од негова страна, се чини, е одложувањето на пописот за неколку месеци, што е мушичка во чашата шампањ што тој на екс ја испи уште додека наздравуваше на договореното во обраќањето до јавноста по средбата со Мицкоски. Со оглед на здравствените околности во земјава, одложувањето на пописот многумина (минус г. Талат Џафери) со олеснување ќе го поздрават. И набрзо ќе го заборават.
И Мицкоски не излезе со празни раце од средбата. Тој е верификуван како лидер на опозицијата со кого може да се преговара, стратегиски дефицит што нему му беше од голема политичка важност тактички да го исполни. При тоа, можеби за првпат во последните неколку години, воздржан и со очигледен напор да биде конструктивен, Мицкоски по средбата говореше со траги на емпатија за општата ситуација во земјава, што само по себе е значаен придонес за смирување на атмосферата во јавноста. Договорот нему и на опозицијата им овозможува повеќемесечна предизборна работа на конкретни проекти за промоција на конструктивни политики заради чиј недостаток сите активности главно им се сведуваа на пропагандни елиминирања на сè што лета во македонскиот воздушен простор.
Тоа го „покрива“ делот во кој и Заев и Мицкоски си помогнаа еден на друг, во служба на народот.
Кога, пак, ќе се види списокот на договорени работи, на него нема ништо драматично, што не можеше да биде постигнато и без претставата со лидерската средба. Тоа значи дека самата средба е дел од некој друг список во кој се наброени чекорите што треба да се направат за да се одзатне македонската политичка „канализација“, а тоа да не се случи со голема „фонтана“ што ќе нè „наврне“ сите. Бидејќи целата аргументација за точките на постигнатиот договор (добро позната и пред да седнат Заев и Мицкоски на столчињата во Клубот) би можела да се направи за петнаесетина минути, само мувите на чаршавот на масата знаат за што разговарале лидерите во останатите час-два од средбата.
Не е коректно сега да се омаловажува привремениот резултат од направениот договор меѓу Заев и Мицкоски, но склон сум да мислам дека токму делот што се разговарал вон главните поенти на постигнатиот компромис ќе ја одредат трајноста на договореното и од главниот и од „споредниот“ дневен ред на самитот.
Само, да не им прејде во навика, бидејќи луѓето со право ќе помислат дека ако за решавање на „национални“ проблеми може да се „прерипне“ целиот парламентарен систем и да се замени со самити на двајца лидери, тогаш е можеби полесно да се заменат лидерите, за да не доаѓа до „национални“ проблеми?!
П.С. Патем, ако не се лажам, едно време на катот над салата во таа зграда беа сместени делови од службата за следење и прислушување на некогашната УБК. Којзнае тие жици дали се извадија со последното кречење во Клубот… Не е лошо некој сепак да има и некаков записник од реченото, оти паметните запишуваат, а будалите помнат. Колку за споредба на историската мемоаристика што апокрифно ќе ја раскажуваат и Заев и Мицкоски во годините што доаѓаат.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.