Двe родилки починаа од компликации од ковид-19. Една од нив е 33 годишна жена од Делчево, која синоќа почина во ГОБ „8 Септември“ каде била префрлена по породувањето на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, а нејзиното бебе во добра состојба е пратено дома. Другата е 32 годишна родилка од Скопје, која денеска почина на КАРИЛ, а нејзиното бебе се бори за живот на одделението за интензивна нега на ГАК.
Директорката на Клиниката за гинекологија во Скопје, Викторија Јовановска, за „360 степени“ вели дека според податоците што ги дале жените, тие немале други заболувања.
„Двете жени се породени со царски рез и двете се второротки. Жената од Делчево беше термински породена и бебето е пратено дома. Таа дојде во лоша општа состојба, фебрилна, со кашлица и ниска сатурација. Заради влошување на состојбата по породувањето е префрлена во „8 Септември“, каде синоќа почина. На ГАК дојде на 10 март, со негативен тест за ковид-19, но на нашиот брз тест покажа позитивен резултат. Скопјанката е породена предвремено, десет недели пред термин. Донесена е од Инфективната клиника на 20 март и беше респираторно зависна. Веднаш по породувањето беше префрлена на КАРИЛ каде денеска почина. Бебето се уште е во животозагрозувачка состојба, односно на респиратор и е сместено на интензивна нега на нашата клиника“, вели Јовановска.
Јовановска вели тешко е да се каже зошто дошло до фатален исход. Објаснува дека и тимот од ГАК, како и персоналот од „8 Септември“ и КАРИЛ направиле напори за да ги спасат двете родилки, но нивната клиничка слика била исклучително лоша.
„Денеска сите сме поразени“, вели Јовановска за 360 степени.
Извор: 360 степени