Најмалку една третина од општините немаат овластени инспектори за животна средина, а таму каде што ги има – немаат лиценца. Локални инспектори коишто немаат лиценца, практично, не можат да постапуваат на суд, ќе им паднат предметите. Локалните надлежности во овој момент се сериозен проблем и во многу блиска иднина треба да се решат, изјави директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Ана Петровска.
Со Законот за животна средина, додаде Петровска, ДИЖС има можност да врши надзор на општинските инспектори, но ниту еден закон не дефинира што значи тоа и има, како што рече, одредени дубиози. Смета дека мрежата на инспектори, државни и локални, треба добро да се обмисли и да се регулира со закон.
-Само на тој начин можеме да ги покриеме сите загадувачи. Во овој момент навистина ни висат локалните загадувачи, рече Петровска, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.
ДИЖС бара согласност од Министерството за финансии за 13 вработувања (12 инспектори и еден правник). Петровска вели дека се во комуникација со Министерството, но можеби нема да им ги обезбеди сите вработувања што ги побарале.
-Оставам можност да се усогласиме за бројот, да биде оптимален за да можеме непречено да функционираме. Нашиот Инспекторат резултатите ги дава во внатрешноста, во Скопје уште нема не знам какво постапување оти има многу мал број инспектори кои не можат да стасаат. Никако не би се откажала од четирите инспектори во Скопје, тука нема компромиси. Размислувам да се откажам, но не би сакала да кажам каде и што, но само во крајна нужда кога некој би ме убедил дека државата во овој момент нема пари за 13 луѓе наспроти други институции каде што се вработуваат 20, 30, 50 луѓе. Во овој момент, за заштита на здравјето, нам ни се навистина неопходни тие 13 луѓе, нагласи Петровска.
Бидејќи Инспекторат нема патроли на терен, пријавите од граѓаните за загадувања многу им помагаат кога даваат и доволно докази. ДИЖС прима голем број поплаки за различни загадувања (исфрлање талог од септички јами во река, градежен шут, миризби…). Минатата недела, рече директорката на ДИЖС, добиле 94 пријави од кои само 15 биле во нивна надлежност.
Пријавите се, главно, за општинските комунални депонии, зашто управувањето со цврст отпад, рече Петровска, е една од областите во кои граѓаните гледаат проблем и сакаат да го решат. Како најнов пример ја посочи депонијата „Озрен“ во Пробиштип каде што било постапувано лани, а во јануари годинава со надзор утврдиле дека е до некаде под контрола и тогаш не дале казни. Вчера повторно утврдиле неправилно работење – депонијата чади бидејќи не се покрива дневно со доволно количина земја за да се изгасне пожар или да се спречат емисии на штетни гасови.
На новинарско прашање Петровска одговори дека во тек е формирање неколку работни групи во неодамна формираниот Граѓански инспекциски совет, додавајќи дека тоа ќе биде интересна соработка зашто е прв ваков случај на непосредна отвореност на државна институција кон јавноста.
извор: МИА




