Директорката на УЈП, Сања Лукаревска демантира дека лицето Дејан Смилевски имал било каква допирна точка со проектот, наградната игра и апликацијата МојДДВ. Таа истакнува дека имајќи предвид дека штетните последици на една лажна вест не секогаш зависи од кредибилитетот на тој што ја пласира, со цел да спречи евентуално ставање на јавноста во заблуда смета дека е неопходно да реагира.
„Најостро демантирам дека лицето Дејан Смилевски изработувал, одржувал или имал било каква допирна точка со проектот/апликацијата/наградната игра – МојДДВ. Компанијата “Акцент ДООЕЛ” го изработи и одржува софтверот. Извлекувањето на наградите и нивните приматели оди преку лотариски систем-случаен избор и во него учествуваат сите кои скенирале фискални сметки. Притоа, УЈП е задолжена за процесот на скенирање на сметките, заедно со Министерството за финансии сме покровители, додека Државната Лотарија е приредувач на наградната игра. Значи, во посочениот случај нема и не може да има конфликт на интереси.
Што се однесува пак до конструкциите на порталот “Република”, дали е етички исправно едно хонорарно ангажирано лице во Генералниот секретаријат на Владата да прими награда која ја добил по случаен избор, можам само да истакнам свое мислење, а тоа е дека таквата одлука е индивидуален чин и личен избор, надвор од надлежностите на УЈП. Искрено жалам што и МојДДВ, како еден од најуспешните проекти на УЈП, преку кој физичките лица за прв пат добија поврат на ДДВ, стана мета на опозицискиот систем за ширење на лажни вести и правење штета по секоја цена.
Секогаш ќе реагирам на ваквите дезинформации и нема да дозволам компромитација на проектите кои враќаат пари кај граѓаните за некој партиски да профитира.“, се наведува во демантот од Сања Лукареска објавен на Фејсбук.
Ј. Ѓ.