пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
На денешен ден пред 9 години се случи грозоморното убиство на Смилковско езеро. Пет млади животи згаснаа без никаква причина, без никаков суд. Веста одекна брзо и посеа шок, гнев и жалење. Неизмерна тага и жал. Вчудовиденост, згрозеност и неверување дека е можно вакво нешто. За дамката врз овој монструозен чин да биде поголема и подлабока, после настанот, во многу придонесоа и тогашните власти.
Сите, почнувајќи од Груевски преку Јанкуловска, до обвинителите Зврлевски и Гешоска, врз овој несекојдневен настан фрлија дополнителна магла од сомнежи, кои, тешко дека некогаш ќе бидат докрај расчистени и отворени за да се дознае правата вистина за мотивите за ова злосторство. Прашањето зошто се случи ова грозоморно ликвидирање на пет млади животи, се чини дека ќе остане неодговорено токму заради несоодветната и непрофесионална акција на тогашните власти. Нивните наводни откритија без соодветни вештачења, темелни истраги и испитувања, на случајот „Монструм“ фрлија дополнителни мрсни дамки, го прекрија со тежок килим полн со валканици и густа прашина на сомнеж. Во сеќавање на тој ден, во сеќавање на сите жртви на „Монструм“, еве што напишав тогаш…
ИН МЕМОРИАМ…!!!
И небото над Скопје тивко заплака. Капка по капка, вир. И солзите од Радишани се слеваат заедно со нив. Течат на истото место. Солза по солза, и пак вир. Ги бришат трагите. Чиниш сакаат да ја измијат крвта. Локва по локва. Една овде, друга малку понатака, трета, четврта, петта. Сè уште не засирена, до завчера зовриена. И дождот сака да ги нема денес. И солзите на мајките. Да, денес не треба да ги има. Денес земјата мора да ги впие тие дамки и преку подземните катакомби да ги однесе право таму. Таму, каде еден покрај друг за навек ќе почиваат матурантите. Мангупска работа. Заедно на журки, заедно по женски, заедно на риба, заедно, засекогаш. И што ако се договараа за Велигденската ноќ? За квалитетот на облеката за матурската вечер, за изборот на факултетот, за најдолгото лето, за Снежана, за Лилјана, за Билјана, за Јулијана, Виолета, за Тања, за…? Убава е ноќва, ајде по риба? Еден предложил. Другите веднаш прифатиле. Или сме или не сме другари. Нема зезанција. Каде едниот, таму и останатите. На средба со Ѓаволот ако треба. Никој ништо не ни може. Можеби помислиле дека се статисти во крвава сцена од филм? Монструмот ги натерал да легнат еден покрај друг, небаре се на физичко и професорот им наредува да прават склекови. Што се за нас сто склека? Се насмеале, гарант. Ма илјада ако треба? Штом сме еден покрај друг, никој во ништо не може да нè сопре, да нè поколеба, да нè раздели.
Истрели, и молк. Одеднаш молк. Да момчиња, повеќе никој нема да може да ве раздели. Христос навистина е воскреснат. На Велигден на полноќ и вие ќе воскреснете. Навистина ќе воскреснете. Немавте време да се наполните со гревови. Ние? Ние, и денес ќе плачеме со небото, со капките на дождот, со солзите на вашите мајки, татковци, браќа, сестри, роднини. Ќе ги бришеме трагите. Денес ќе плачат сите. И Снежана, и Лилјана, и Билјана, и Виолета, и Тања. И јас, и ние, и тие. Вие? Не. Вие немавте време да заплачете. Ви ги прекратија и солзите. Вие, почивајте во мир…
П.С. И сега додека го читам и тогаш додека го пишував солзи ми навираат на очи. Напишано е ден после грозоморното убиство на Смилковско езеро. Како да беше вчера. Да не се заборави…