пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Едниве бараат да се работи онлајн за да се носат закони за да можат луѓе да земат пари од петтиот пакет ковид мерките, другиве пак не сакаат, опструираат кворум и се надмудруваат со безвезни процедури. Као нели се согласија Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да обезбедат присуство за важните закони, па гледаме сега се попишманија и висат по собраниските ходници, за да не обезбедат услови за работа. Најинтересно ми е што немаат осет за сериозноста на ситуацијата – за тоа дека од нивното присуство и работа зависат човечки животи, чиста гола егзистенција, опстанок на фирми.
Првиве бараат начини да ја откочат работата на собранието и како да обезбедат кворум зашто имаат пратеници заболени од ковид, па се решени и во скафандери да појдат ако е потребно, другиве опструираат кворум, разбркуваат пратенички, па потоа лежерно, фраерски, па дури и се фалат со тоа, се сликаат и закачуваат фотки на Фејсбук.
Оној пак од Левица се заканува дека ќе тужеле за „загрозување на здравјето“.
„Ако власта се дрзне да донесе заразени пратеници од карантин на пленарна седница, ќе попие кривична пријава за БИОЛОШКИ ТЕРОРИЗАМ и некој ќе си го крка, фино-лепо“, пишува во заканата Апасиев.
A ваму нели се сеќаваме дека Апасиевци беа први против онлајн одржување на седници на собранието. Тогаш поднесоа 1.200 амандмани со саркастични содржини:
„За време на велигденските празници, пратениците кои учествуваат во работата од далечина, пред себе задолжително да имаат велигденско јајце; пратениците кои учествуваат во работата од далечина не смеат да носат облека со обележја на моден салон (месарница, салон за педикир, за маникир…)“, и такви слични илјадници „сериозно“ сработени досетливи амандмани за да се блокира работата на собранието.
Какво лицемерие?! Бог да чува!
И овде мора да се подвлече линија.
Сè дури ви се интересни и досетливи ваквите циници кои лапаат пратенички плати (над илјада евра секој месец), кои намигнуваат во статуси на фејсбук и се спрдачат со судбини на луѓе наместо да одат на седници и да си ја работат работата за кои се платени, вака ќе ни се подбиваат и ќе играат со нашите судбини и пари. Сè дотогаш „експерти и авторитети“ ќе ве возат на „сите се исти” финтата. Па ако не правиме очигледна разлика бар за ова, ако, нека ни бидат исти. Нека нè возат!
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани