пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Не сме преплавени, удавени сме од лажни вести. Да не знае човек од што попрво да се пази, што прво да фати да разобличува. Дали да одбереш од класичните шарлатански теории на заговор со вакцините, чиповите, 5Г… или тоа да е црната локална политичка манипулација и дезинформацииите, или пак, некои навистина бесмислени лажни вести од кои не можеш да пофатиш кој е ќар, а кој е зијан.
Пред некој ден на портали со сомнителен кредибилитет се појави лажна вест дека наводно во Прилеп биле убиени штркови и беа приложени фотографии од убиени штркови. „Прилепчани убија штркови“, е насловот од лажната вест од порталот „Република“.
Тотална лага!
Вистината е дека штрковите се убиени додека мигрирале во Турција, во областа Чал во Денизли. Истата фотографија од штрковите е објавена и во неколку турски медиуми. Значи, комплетно со факти разобличена е една лажна вест. И покрај тоа еве неколу денови, веста ни крива ни должна сè уште си стои на порталот „Република“ и се прашувам – Може ли некој да ми објасни која е потребата од пласирање на ваква лажна вест? Ако веста еве да речеме е ненамерно пласирана, зошто откако е разобличена, не се трга? Кој има корист од тоа ако се оцрнуваат прилепчани како убијци на штркови, побогу?!
Единствено логично објаснување е дека нема логично објаснување.
Слично, но не и „бенигно“ исто, се случува со лажните вести кои ги пласираат политичките манипуланти и црната пропаганда неретко пропратена со говор на омраза.
Еве нека не бидат оние експресно демантирани лажни вести од наши и европски, па и светски институции, најчесто пласирани од Мицкоски, Милошоски и Николоски, еве, ќе ја земеме најновата манипулација палсирана пред два дена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за нон-пејперот од Јанша.
Цела Европа излезе со осуди на таквите макар и неофицијални документи пласирани од Јанша што се пренесуваат во дипломатските кругови на ЕУ, а јаден Мицкоски вели дека разговарал со словенечкиот премиер Јанез Јанша и тој покрај негирањето за нон-пејперот, му рекол дека таков сличен документ креирале Зоран Заев, Тања Фајон и Тонино Пицула.
Европратеникот Пицула ги отфрли овие обвинувања како невистинити и смета дека однесувањето на Мицкоски е навредливо.
Класична лажна вест и теорија на заговор – вели словенечкиот европратеник Клемен Грошељ за изјавата на Мицкоски дека премиерот на Словенија и негов пријател Јанез Јанша не бил креатор на нон-пејперот за промена на гранциите на Балканот, туку дека тоа го направиле Тања Фајон, Тонино Пицула и Зоран Заев.
И уште не знам кој да демантира и посочи дека се работи за лажна вест од Мицкоски, овој нема да излезе да се извини за ширењето на лажната вест. Тоа е таа матрица.
Од друга страна, велат Јанша си го искористил Мицкоски за остварување на целта „држете го волкот – каде е волкот“, зашто нели нема што да го поштедува Мицкоски, кога овој и онака според студијата на Европската Унија, е посочен со име и презиме како извор на лажни вести.
Да се потсетиме, во студијата од ЕУ, како главни извори на дезинформации во Македонија, покрај Мицкоски кој е во друштво на неговиот ментор Никола Груевски, поименично се наведуваат и медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ, финансирани од унгарски бизнисмени во Македонија.
Што им е заедничко на лагите за убиените штркови и лагите кои ги прераскажува Мицкоски?
Сè им е заедничко!
И двете вести летаат во етерот и го инфицираат веродостојното информирање, без разлика што едниве изгледаат залутани, а другиве се стриктно насочени..
Едните имаат необјаснива цел да создаваат одбивност кон луѓето од еден град обвинувајќи ги за убијци на штркови, другиве со лажни конструкции ја манипулираат јавноста за политички цели. Ваквите и слични дезинформации се пласираат од една те иста партиска клика, а се шират од еден те ист кластер на медиуми.
Тука, за жал, не помага ни тоа што во регистарот на професионални интернет портали што го покренаа Здружението на новинарите и Советот за етика во медиумите, не фигурираат главните партиски мегафони на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Курир и Република. И покрај тоа што овие интернет портали и десетиците нивни сателити се посочени како главни креатори на лажни вести, се забележува нивно значително зрачење во медиумскиот простор.
Тоа тешко и невозможно е институционално да се спречи. Прво, ако згасниш еден никнуваат нови десет, и второ, зашто одма се активираат врескачите на црната пропаганда и релативизаторите и го бранат ширењето на лажните вести и говорот на омраза, криејќи се позади „слободата на говор“. Како може да е слобода на говор, брутално пласирана лажна вест или експлицитен говор на омраза, само тие си знаат.
Така, сè тоа се врти во еден маѓепсан круг што ја шашардисува нормалната публика.
Нема рецепт како да се препознаат лажни вести, има совети кои што можат да се применат за нивно препознавање, но рецепт не постои.
Има така добро испечени и на тацна ставени примери за демантирани лажни вести, со конкретно наведени медиуми, еднаш и уште еднаш и по којзнае кој пат и навистина нејасно е зошто повторно се користат тие медиуми како извор на информирање. Не можам да разберам која е таа перверзија на себеконтаминирање со лажни вести од одредени медиуми кога за истите се знае дека се главен извор на дезинформации?!
Може ли да има изговори?
Или ја гледаш лажната вест помпезно напуфкана и знаеш дека треба да ја провериш, или одбираш да ѝ веруваш на лажната вест од некои лукративни причини иако знаеш дека се работи за лага, или пак едноставно не ти е грижа и земаш здраво за готово и дегустираш сè што ќе ти се пласира.
Најстрашно е кога свесен си дека лажната вест е раскринкана до крај, а сепак се сомневаш дека „мора да има и нешто вистина“ во лажната вест. Кога тоа го воочуваш и им укажуваш, изговорот им е – ама остај тоа, еве и да е така, нели….Најчесто кај нас се користи фразата „каде има чад, таму има и оган“, а всушност се работи за обично лажни вести завиени во обланда на полу-информации, кои се лесни за голтање. Но, не постои изговор да не ги исповратиме.
Или метафорички кажано земено од примерот со убиените штркови, е моментот кога ранолетните убиени штркови, полетуваат кон прегратките на лажната пропаганда, а ние стоиме до оџакот од највисокиот амбар, или во крошната на највисоката топола и со раширени раце го чекаме „породот“ од лажни вести што ни го носат за да нè израдуваат.
Тогаш доаѓа моментот кога ни нема помош, или кога „ни летнала чавката“, што би рекол по прилепски. Нема друго, драги мои ранолетни ластовички.
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани.