пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Луѓето што со станови и куќетини се пентерат на Водно мислат дека кога ќе излезат на тераса нема да ја видат гоцевата раса туку Кварнерскиот залив со Крк и другите морски убавини.
Всушност тие се како шупак кој од високо гледа во септичката јама.
Водно е црната дупка на македонскиот комплекс на пониска вредност. Црн рид, можеби и подобро и поточно да се каже црн рид, нарајама на покондурените опинци, параглајдерска платформа за глисти, гробишта за лажните верници.
Комунистичката инвазија на Водно беше високостилизирана граѓанска операција, на урбанистичкиот и архитектински вкус на мерката и скромноста. Партиските секретари и претседатели градеа фини бараки, со убави дворни места, со тревници, брези, борови и грмушки. Не сакам да кажам дека немало неправилности, шверцери и криминал. Скромен, со откупна клаузула во пошумувањето. Хахаха. Такво беше времето. Тој амбиент требаше да се заштити како културно наследство. Комунистичко, но наследство.
Од тогаш остана тој стандард на Водно како населба на елитата. И сега, секој скот кој мисли дека треба да е елита, бара плац, купува куќи или станови за себе, за децата, за внуците и правнуците. Во таа страстна и стрвна борба за животен простор со статусна симболика, сите пропуштаат да забележат дека амбиентот на елита е загубен и на местото на тој амбиент во тек е формирањето на еден фавелски комплекс од средна категорија.
Само будала со пари може да посака да живее на Водно.
Во следната фаза можеме да очекуваме две ситуации. Едната е внуците на скотовите да почнат да се евакуираат од оваа накупина гована, а втората е планината да реши да ги отфрли како страни тела покондурените опинци и останатата опарена сељачана, и сите да ги слече и набие како фриком сладолед од 120 денари, некаде меѓу Кочо Рацин и Државната болница. И едното и другото ќе бидат праведен исход од оваа агресија врз природата, врз добриот вкус и врз пристојноста и одговорноста.
Во меѓувреме му предлагам на граѓанството да заќути. Да не се жести на секое пресечено дрвце и нова касарна, прво затоа што луѓето што ја загубија невиноста во таков жесток акт на силувањњто каков што беше Скопје 2014 немат со што да го возбудат светот на темата за новите дупења и второ, развојот на агресијатаа е многу посигурен пат во смрт на скотовите кои уништија се до што се допреа.