пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Нештата ни се даваат само ако умееме да ги загубиме такви какви што ни се дадени, за да ја вратиме вистината од која се раѓаме раздвоени. Според Хусерл тоа може да се оствари само ако се пополни јазот меѓу проживеаното во свеста и објектот.
На нашиот приземен терен, тоа би значело: Меѓу Македонците и Македонија.
Во филозофска смисла, а и не само во филозофска, пред да се ангажираме во проживеаното, треба да се дезангажираме од вештачкиот, неавтентичен свет.
Спиноза вели дека чувствата не се исти со сознанието.
Не се совпаѓаат.
Македонците одат чекор понатаму: За припадниците на оваа слатка нација, сознанието како категорија на разумот не постои.
Кај нив, сознанието е проекција на чувствата.
Односно не е сознание.
За да дојдеме до коинциденција на искуството, мислите и проекциите, мораме да се одлепиме од себе и, особено, од предметот на нашите желби: Македонија.
Само така може повторно да ја имаме.
Ако во имањето и во Македонија најдеме смисла, се разбира.
Затоа што бесмислата која е содржана во страшната компримираност на светот и на животот во десет имиња (Заев, Мицко, Шекеринска, Стојко…) и една тема (власта) во овој момент е многу посилна од опстанокот во која и да е форма.
Ние сме вечни кандидати за емиграција, за кој било нов свет, само да не личи на нашиот.
Македонија е во фазата на Гаетан Пикон.
Не само што бараме нов свет кој не личи на нашиот, туку во загубената моќ на разумот, малкумина се во состојба да го препознаат Курацот како новиот свет кон кој се има упатено библискиот народ.
Притоа, не се знае дали Македонецот го сака Курацот затоа што не го сака Заев или Заев не го сака затоа што го обожава Курацот.
Македонецот е производ на историјата со поминат рок на траење.
Тој мора да се препроизведе не според рецептите на вмро, тоа е толку лудо, на Карапанџа и на Џејми Оливер, туку на Хусерл и на Спиниза, ако оние на Сартр му се претешки.
Како што е невозможно да се дефинираат во исто време сите факти кои, сепак, би биле потребни за сознанието и за предвидувањата на еден систем и како што секое сфаќање има една празнина, некоја пукнатина како противтежа, се чини дека ние повеќе не можеме да очекуваме од историјата единство на сите наши тежненија, тоа највисоко добро што сме го проектирале во иднината затоа што сме го изгубиле во сегашноста.
Ние не го губиме, ние го јадеме, како велигденско јагне.
Тоа највисоко добро.
Иднината.
Сево ова важи за тоталитетот на стварноста и на нашите чувства. Кои се во страшно разидување.
Во кое вистината се губи.
Еве, да го земеме примерот на Стојко.
Да не испадне дека премногу филозофирам.
Вработувањата според Рамковниот договор содржат многу пиздарии, но тие се само мала компензација за епските пиздарии што ги направија, а и денеска ги прават, Македонците во однос на Албанците и на другите помали етнички групи. Во беспризорната монополизација на сите државни ресурси.
На сите.
Или безмалку, на сите.
Особено во приватизацијата.
Без тој режим на вработувањата според Рамковниот договор, сите Македонци ќе останеа без работа или без држава или без својата обожувана национална припадност.
Квалитетот на кадрите е проблем во системот на вработувањата според Рамковниот договор, но тој е минорен во споредба со присуството на идиоти од македонски праисход на важни места во сите нивоа на образованието, на администрацијата, во политиката, насекаде.
Коцарев претседател на МАНУ, Ќулафкова академик, Каракамишева и Ванковска професорки, Мицковски шпиценкандидат за премиер, Гоце, Чашуле и другите видителки и водители, новинари, сите тие истурени фигури во вежбите на нацијата во маневрите на супериорноста?
Сосе Пандов како директор на Патриотскиот институт.
Да и го начука човек на Патријата.
Има ли некој Стојко за ваква критика?
Чувствата на Македонецот можеби не се разминуваат со неговите сознанија, но неговите сознанија се разминуваат со стварноста. Тој ги заебава другите повеќе отколку што тие го заебаваат него.
Фијаското на Семакедонската свињарија, сепак, охрабрува.
Македонија се двои од вмро, а тоа значи дека се двои од лагата за себе, од смртоносниот мит, од проливот во сопствените гаќи.
Да се надеваме дека тоа е почеток на успението.
Во смислата на успонот.
Имаме ли ние убав збор за успон?
Не описно тртљање, збор?
Не за заспување.
Ах, да, качување.
Качување кон вистината.
И кон себе.
Кон постоењето.
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани.