Министерката за одбрана Радмила Шекеринска заедно со амбасадорката на САД, Кејт Брнз утре 26.04.2021 г. (понеделник) во 10:00 часот, во армискиот полигон „Криволак“ ќе ги посетат припадниците на Армијата на Република Северна Македонија и на вооружените сили на САД, кои заеднички работат на изградба на нови содржини на полигонот „Криволак“, пред почетокот на меѓународната вежба, „Одлучен удар 21“, кон средината на следниот месец.
Целата реформа на образованието е фокусирана на потребите на учениците. Најавените промени носат предизвици и за родителите и за наставниците, што е вообичаено кога се случуваат реформи, рече министерката за образование и наука Мила Царовска одговарајќи на новинарски прашања. „Учениците на таа возраст имаат потреба од современи алатки, кои за период од 20 години ќе им бидат потребни за да можат да се справуваат со предизвиците со кои тогаш ќе живеат“, рече Царовска.
Светскиот ден на интелектуална сопственост – 26 април годинава во фокусот ги става малите и средни претпријатија. Директорот на Државниот завод за заштита на индустриската сопственост Горан Герасимовски во интервју за МИА вели дека заштитата на правата е многу важна и дека таа е еден вид основа за лансирање нов, иновативен производ или започнување бизнис, односно градење бренд.
Епидемиолошка состојба со Ковид-19 се очекува наредните денови да биде анализирана од Комисијата за заразни болести, по што ќе биде одлучено дали ќе има нови мерки за време на претстојните велигденски празници.
Со затоплувањето на времето се зголемува и атрактивноста на популарните излетнички места во и околу Скопје. Градскиот парк, Водно и другите дестинации за прошетка на граѓаните стануваат омилени локации кои речиси секој викенд се преполни со посетители. Исто така, овој период, бидејќи не работат угостителските објекти, популарните скопски излетнички места се со значително зголемен број на посетители.
Со прогласувањето на Шар Планина за национален парк покрај погодностите, се очекува и долгорочно решавање на иднината на лицата чија основна дејност е поврзана со „користење на шумите“ во западниот регион. Дел од нив се вработени во ЈП „Национални шуми“, дел во приватни компании, а исход очекуваат и оние на кои единствена егзистенција им е работата во шума.Нивната иднина е дел од преговорите на засегнатите страни и државата кои се во тек.