Еве, да не бев привилегирано дете на семејство во кое најмалку 5 генерации ја дополнуваат семејната библиотека, а секој има и свои лични.
Да бев сиромашно дете од друг град во Македонија, или од некое село – што мислите, колку пати во животот ќе имав можност да купам книга?
Ако моето семејство беше ангажирано во борба за преживување, особено ако е таа социјална и географска изолираност долгогодишна, па ни претходните генерации не ја осознале убавината на читањето (што е чест случај, ми се чини) – што мислите, колку пати некој ќе се качеше на автобус за да ме поведе во книжарница во друго место, и за колку книги ќе имавме пари? Мислам ако воопшто имавме интерес, дали ќе имавме пари и за членарина во библиотека и за идими-доѓими позајмување и враќање на книгите? Колкав процент од семејниот буџет се тој превоз и таа книга?
А наспроти тоа, ако – според најавите, за кои се надевам и дека ќе се остварат – неимотните деца добијат бесплатни таблети, разбирате ли колку ќе е тоа скапоцено за нив, колку ќе ја подобри нивната појдовна позиција во животот, нивните хоризонти, нивните можности за учење и осознавање?
И не само за литературата.
Замислете, читаат за Рахмањинов. Наместо тој да е само некое си таму име на композитор што може и нема да го запаметат, во истиот момент ќе можат да си ја пуштат и да ја слушаат неговата музика.
Читајќи хемиски равенки, ќе можат на видео да ги видат реакциите (или уште подобро, да имаат интерактивни симулации на експериментите) и во училиштата каде лаборатории нема, а нема ни наставник заинтересиран да ги направи ни едноставните експерименти
А од книгите, класиците се веќе слободни од авторски права и бесплатно достапни на многу јазици. Па и на нашиот (да живее Македоника!)
И многу од современите изданија се бесплатни. Најлегално бесплатни.
Од позиција на снобизам и привилегираност се дискутира за мирисот на хартиените книги и за ќефот на завиткување во хартија, а истовремено – а бе ис то вре ме но, се вика знаеш ли ти колку има сиромашни?
Па знам, токму и за нив е најважна реформата и дигитализацијата. За некои хартијата за завиткување е леб за три дена, сигурно е последно нешто во што ќе вложат пари со кои кубурат, а и знаењето не се стекнува со виткање и мирисање.
Неверојатни, несфатливи замени на тези и мешања лончиња се случуваат пред наши очи.
Неретко излегуваат и од наши усти.
Мислам, навистина треба малку да се соземеме и да размислиме што зборуваме, вака trigger-happy, озабени да реагираме против, по секоја цена, читајќи само хушкачки наслов или себеси сфаќајќи се како некои ете молимтисе романтично-херојски бунтовници или месии.
Па дајте ве молам!!
Мислам, аман!!!
Фејсбук објава од Јасна Шоптрајанова