27.04.2017 – крвавиот четврток – е ден кој ќе биде запаметен како денот кога некои влегоа во Собрание да убиваат, да тепаат, да сеат страв, да предизвикаат терор со единствена цел – да не дојде до промена на власта. Нивните деца, веројатно не знаеја за нивните планови. Некои и не можеа да ги препознаат, зашто татковците-тепачи беа со фантомки на главата. Децата пак на оние кои беа жртва на нападот можеа во живо да го следат линчот на своите родители. И не знаеја дали последната слика од нивните родители е таа што ја видоа на телевизија – со раскрвавени глави, притиснати во ќош на своето работно место.
27-ми април остави општествена, но и лична траума не само за тие што бевме внатре, туку и за нашите семејства. Воопшто никој не ги брои во црните статистики на последици од крвавиот четврток, траумите на семејствата на жртвите на насилството и последиците по нивното здравје. Никој не ги споменува родителите и роднините на жртвите кои во немоќ дојдоа пред Собрание барајќи начин да ги извадат од таму своите блиски.
На 27-ми април се виде поделбата на луѓе и нелуѓе.
На 27-ми април се виде дека и на “другата” страна има луѓе – со човечко срце, спремни да помогнат, спремни да застанат пред насилниците и да го бранат човечкиот живот.
Но, на 27-ми април видовме дека има и нелуѓе, кои за да ги бранат своите и туѓите привилегии беа спремни да тепаат во Собранието или пред Собрание да го оправдуваат или поттикнуваат насилството. Тие нелуѓе ги видовме и пред некој ден – на протест за ослободување на тепачите. Тие нелуѓе ги виде и целата јавност. Ја виде грозната, црна алтернатива на сегашната власт. Се потсети на нивното владеење со терор, насилство… нешто за што треба да се трудиме никогаш да не се повтори!
Фејсбук објава од Рената Дескоска