Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, даруваа крв во реновираниот оддел за трансфузиологија во болницата во Струмица.
„По повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче даруваме крв и сме првите дарители во реновираниот оддел за трансфузиологија при Општата Болница во Струмица.
По цели 35 години Струмица добива целосно реновиран и опремен оддел за трансфузиологија кој ќе функционира во комплетно нови услови и ќе ги опслужува крводарителите од Струмица, но и од поширокиот регион. Со ова ги унапредуваме услугите на јавното здравство, ги зголемуваме капацитетите и ги подобруваме условите за работа на здравствените работници.“, објави на Фејсбук, премиерот Заев.

Постапката е многу едноставна, а вработените во Трансфузија се љубезни и пријатни при целиот процес на дарување крв. По дадената согласност, следува здравствена проверка, а потоа во пријатна атмосфера со почитување на сите мерки за заштита од вирусот Ковид-19, ја завршивме оваа многу лесна постапка, напиша Филипче на Фејсбук.
Министерот за здравство воедно порача дека дарувањето крв може да спаси живот, само едно ќесе крв може да го подобри здравјето на три до четири пациенти.
-Бидете хумани, дарувајте крв! Крводарителството е хумана човечка вредност, напиша Филипче.
J. Ѓ.