„Пресудата за 27 април треба да го осуети насилството како легитимно политичко средство. Сите граѓани сведочеа дека настаните од пред четири години беа терористичко уривање на поредокот“ изјави министерот за правда Бојан Маричиќ во вечерашното гостување во емисијата „Објектив“ на МТВ. „Не смееме да заборавиме што се случи на 27 април – кога организирана група на луѓе упаднаа во Парламентот и се обиде да спречи избор на претседател на Собрание и тоа заврши со крвав напад врз дел од пратениците“ изјави Маричиќ.
Тој додаде дека настаните од Собранието тој ден ги осуди цел свет и би било штета за нас како држава доколку го промениме наративот и да се даде партиски призвук на тој настан. „Кога се разгледувал случајот, обвинителството детално ги прегледувало доказите пред да ја направи квалификацијата.
Таа е направена исклучиво врз основа и врз база на докази. Тоа го потврди и судот во повеќе степени – и основниот и апелациониот суд. Доколку судот го утврдил тоа низ постапка, тогаш мора да им веруваме на судовите“ изјави Маричиќ. Запрашан за барањата за повторување на судењето за случајот за 27 април, министерот Маричиќ повтори дека доколку постојат нови докази, тогаш тие може да се приложат за да им повторување на постапката. „Здраво е за општеството, за да има помирување, да го затвориме тоа поглавје. Да се согласиме дека тоа не беше добар чин за нашата демократија и за нашата земја и дека нема да се повтори“ рече Маричиќ и додаде дека опозицијата се ободува да го политизира случајот користејќи ги судбините на осудените за да добие политички поени.