ФРОНТЛАЈН: Во медиумите се крена голема прашина околу спотот со бугарски статисти и боите на бугарското знаме во позадина предизвикувајќи говор на омраза и негативни критики, посебно затоа што се работи за песна со која ќе ја претставуваш земјата на Евровизија. Во јавноста дури се поведе и петиција за твоја поддршка, но и „стоп за пробугарска пропаганда“. Која е вистината?
Вистината е тоа што имаме една прекрасна песна полна со ранлива позитивна емоција со толку многу реномирани македонски музичари кој се гледат во самиот видео запис, кој е исто полн со прекрасни богати дела од нашите македонски уметници. Сè друго околу за жал е информација или претпоставена или извадена надвор од контекст без факти. Затоа снимав и објавив видео на инстаграм да појаснам и ако случајно имам повредено некого, да ми прости.
ФРОНТЛАЈН: За жал, фама се крева и околу вашата сексуална ориентација. Што мислите дали некогаш нашето општество ќе ги надмине предрасудите кон ЛГБТИ заедницата?
Овој чекор сакав да го направам многу долго време поради тоа што ни треба насока, едукација, информација дека без разлика на тоа кои сме, што сме и од каде доаѓаме … ние сме луѓе. Сите сме исти. Сите сме едно. Сите имаме срце кое чука. Точка. Чекор по чекор ќе ги надминеме. Верувам и ќе се борам!
ФРОНТЛАЈН: Што очекувате од учеството на Евровизија?
Да застанам како горд Македонец, зошто тоа сум и да запеам искрено и ранливо за СИТЕ борејќи се за нашите црвено жолти срца и да покажам на Европа која е Македонија и што можеме ние, без разлика на пласман. Одам како победник со прекрасен проект и тим зад мене. Останатото е бонус.
ФРОНТЛАЈН: Кој изведувач, наш или од другите земји учеснички на Евровизија, ви оставил најголем впечаток?
Годинава од она што имам гледано во живо … Франција има прекрасна емоција.
ФРОНТЛАЈН: За крај, кој е Васил Гавранлиев, кои се неговите желби, што би им порачал на младите музичари што допрва треба да ја освојат домашната публика?
Горд Македонец кој е музички амбасадор низ целиот свет последните 27-8 години кој ќе продолжи да се бори за вистината и претставувајќи ја Македонија низ целиот свет. На младите музичари: бидете искрени ранливи и отворени без разлика што се случува на околу. Како уметници имаме огромна одговорност да бидеме глас на народот, кон подобра иднина за сите посебно за младите генерации. Генерално за сите: Зборовите се куршуми – не ги фрлајте толку лесно и брзо без да размислите, посебно не на социјалните мрежи. Животот е тркало – ќе ни се врати. Дали вие би сакале такви работи да читате за самите себе?Зборовите се иднината. Пази што посакуваш.
Тимот на ФРОНТЛАЈН му посакува среќа, и еден прекрасен пласман на Евровизијата, Да се сакаме едни со други, да сме солидарни, да се радуваме на нечија среќа, зошто само така ќе останеме луѓе – порака што ја упатуваме заеднички со Гавранлиев.
Марија Миткоска