ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Бинас

May 12, 2021 08:39
in ZOOM IN, ДЕНЕС, МОЗАИК, ФРОНТ
Јане Ѓорѓиоски

Јане Ѓорѓиоски

Share on FacebookShare on Twitter

пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ

Секогаш седеа на последните клупи. Мазес и Бинас на таа во средниот ред, а Саме и Алајдин на таа до прозорите.

Така си ги знаевме Мазес и Бинас, и Саме и Алајдин, во тандем, неразделни. А беа толку различни. Саме беше високо момче со изразито сини очи и продорен поглед, Алајдин беше понизок и ја имаше најшироката насмевка која може да ја замислите. Учевме заедно четири години. Со Мазес и Бинас во тие четири години не се сеќавам да прозборевме ниту збор. Едноставно не умеев, не знаев како да зборнам со Мазес и Бинас, никој освен Саме и Аладин, не им зборуваше. Но, често знаевме да си пратиме по некоја насмевка, посебно со Мазес. Од Бинас ми беше малку страв. Делуваше доста зрело. Поседуваше некој строг, учителски поглед и бев убеден дека е неколку години постара од нас. Мазес од друга страна беше разиграниот лик во тандемот, која и тоа како знаеше да ги носи долгите егзотични фустани кои за тоа време беа доста карактеристични и необични. Бевме четиринаесет годишни клукајдрвци. Филмовите со Касандра и Ранду беа после 10 години, но грациозноста на Мазес не можеше да не се забележи.

На големите одмори помеѓу третиот и четвртиот час, додека сите излегувавме со трчање во дворот на училиштето, никогаш не можев да ги забележам тандемите од последните клупи. Еднаш си ја заборавив кифлата со мармалад во училишната ташна, па морав да се вратам да ја земам. Саме седеше на неговото место, на сиот глас пееше некоја ромска песна и со рацете тропаше на клупата небаре е тарабука. Јес дека и јас до петто одделение одев во училишниот хор, од каде во шесто прекрасната наставничка Зуљамица која го водеше хорот љубезно ме замоли повеќе да не доаѓам, но и покрај моето крекање, отприлика знаев што е добар глас и ритмика кога ќе чујам. Ова што го имаше Саме во неговото грло беше нешто што не мораше да се има никакви мелодични предиспозиции да се препознае дека е прекрасно.

Застанав скаменет и слушав. Саме ме забележа по неколку моменти и престана да пее.

– Саме, продолжи да пееш, изустив.

Овој молчи.

– Саме продолжи да пееш жити сè не се прави педерче!, низ смеа му се здадов.

Тогаш на тие години ако некој ти рече педерче, сурат, или не знам како погрдно беа зборови за искажување на блискост. Саме срамежливо се насмеа и р’сна да пее, пеев (читај завивав и јас), додека пред таблата Мазес и Бинас играа со високо кренати раце. По некоја минута рокна училишното ѕвоно. Јас по грд звук не памтам дека некогаш сум слушнал. Во моментот Саме престана да пее, другиве застанаа околу пампурот да стават некое дрвце, јас се прибрав до клупата и гризев од кифлата.

По неколку денови Саме ми пријде и ме покани да појдам кај него дома да слушаме музика.

– Имам стерео касетофон од оние големите и куп касети, мајка ми ми ги испраќа од Австрија, рече Саме и додаде дека ќе ме чека утредента пред касарната во десет сабајле.

Појдов. Не знам зошто, но не кажав на никој од другарите дека ќе одам кај Саме да слушаме музика.

Живееше покрај каналот на Дабничка река, во една многу скромна куќа со две соби.

Живееше со баба му,

Не знам зошто се зачудив, но во куќата беше многу чисто. Имаше купишта касети. Слушавме Мајкл Џексон и игравме (плеткавме) мун-волкинг до премаленост. Дојде и Алајдин со онаа негова широка насмевка, беше поинаков – поинаку весел. Ме гушна силно. Не знам зошто. Потоа дојде и Мазес. Носеше еден од оние нејзини долги фустани. Не знам зошто но не сакав да си признам дека беше убава. Игравме дури не се стемни. Ако сакаш преспиј тука не е проблем ми рече Саме. Се заблагодарив и тргнав накај дома.

Се сеќавам дека по пат накај дома си пеев, се смеев и потскокнував како удрен. Тоа беше еден од најпосебните денови во мојот детски живот, а јас за таа дружба не кажав ни дома, ни на другарите, па ни на Саме и на Алајдин не им кажав дека преубаво си поминав.

Утредента, на училиште се однесувавме како никому-ништо, како и пред тоа, како да не ни се случил најубавиот ден, како да не игравме до премаленост, како да не забележував колку е убава Мазес.

Не знам зошто, но никогаш повеќе не појдов кај Саме да слушаме музика.

Не се сеќавам дека беа на прославата на полуматура во Мотелот кај вештачкото езеро. Се сеќавам дека ми купија бели шпиц чевли, и сина јакна со необично големи набори на ракавите. Моника беше екстравагантна како и секогаш, носеше уметнички црн шешир, стилски шалвари, доколенки и лаковани црни чевли. Наташа беше убава како секогаш. Јаково нешто мрчеше. Навистина не се сеќавам дали беа тука Саме, Алајдин, Мазес и Бинас на полуматурската забава.

Сега знам зошто никому не кажав дека ќе одам дома кај моите соученици Роми. Сега знам и зошто се зачудив што скромниот дом на Саме беше толку чист, знам и зошто беше поинаку весел Алајдин и зошто силно се гушнавме. Сега знам зошто повеќе никогаш не се дружевме како тој ден.

Знаев и тогаш.

По десетина години сосем случајно в чаршија ја видов Бинас. изгледаше исто како пред десет години – висока и стројна, беше со повозрасна госпоѓа.

– Еј Бинас, здраво како си?, ѝ пријдов.

– Ме позна, подзастана.

– Еве Јане, со мајка ми. Купуваме чевли, бели, хахаха… како тие што ги носеше ти на полуматурска. Ќе се мажам в петок.

Се смеевме на цел глас.

– Со среќа Бинас, баш ме израдува! Како се другарите?

– Мазес е мажена во Неготино, Алајдин со брат му сечат дрва со количето, а Саме е кај мајка му во Австрија. Има снимено касета.

– Да ги поздравиш многу, ако имате контакт. Ептен ми е ќеф дека се видовме, ѝ реков на заминување.

– И мене, возврати Бинас.

Тоа беше првпат да скршиме лаф-муабет со Бинас, а учевме заедно цели четири години.

Никогаш нема да си простам што не се сеќавам дали беа на полуматурската забава.

*

Ова се вистински имиња. Ако случајно ја прочитаат оваа полуфикција, нека ми пишат, можеби ќе ја раскажеме вистинската приказна.

Приказната која сите одбиваме да ја раскажеме.

 


НАПРАВИ РАЗЛИКА: ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ

Creative Commons 4.0

Текстот е личен став на Авторот.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Македонија ги дозна можните ривали за квалификациите за СП во кошарка

May 13, 2025
Обид за киднапирање на жена во Париз. Фото: Скриншот од видео објавено на Х

(ВИДЕО) Обид за киднапирање на жена во Париз среде бел ден

May 13, 2025

(ВИДЕО) Зеленски: Путин се плаши од директни преговори со мене

May 13, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Фото: О. Бошњаковски / ФРОНТЛАЈН

    Затворени 13 научни институти, уште 13 под силен мониторинг

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ФОТО) Скопјанката Чарна Невзати македонска претставничка на престижниот „Мис на свет”

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Мицкоски е тажен, сака авион – ама нема

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Која е најголемата цел на премиерот Мицкоски

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Хоџиќ: Потребно е обединување на напорите на сите прозападни политички сили за брзо враќање на европскиот пат

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk