Додека во Охрид се уриваат објектите на плажите, во соседна Струга угостителите се подготвуваат за летната туристичка сезона и непречено опслужуваат посетители. Градоначалникот Рамиз Мерко и натаму на истиот став, треба да се гради за привлекување на што повеќе туристи, плажите треба да бидат уредени за гостите да може да уживаат во благодетите во крајбрежието , а не празни, запуштени и полни со отпад.
Мерко тврди, струшките концесионери плаќаат редовно закупнина на општината.
„Ние не мислиме негативно, ние секогаш размислуваме позитивно. Секогаш велам дајте да градиме туристички капацитети дека се бараат, а ние како локална власт им стоиме на располагање, ние сакаме да имаме привлечен град, не само за туристи од државата туку од цел свет. Сите атрактивни туристички дестинации треба да бидат уредени со угостителски локали каде туристите ќе може да уживаат “ , вели Рамиз Мерко. градоначалник на општина Струга.
Во однос на палењето на трската во Калишта, што редовно се случува пред туристичката сезона, струшкиот градоначалник е дециден дека нема да дозволи дивоградби на тој потег. Со одлука на совет задолжени се јавните претпријатија да ги исчистат сите јавни површини покрај брегот, но тврди градби нема да има.
„Нема шанса некој да гради во тој дел каде е јавен имот. Особено ние како локална самоуправа еве јавно кажувам нема да дозволиме во никој случај некој да гради тврди градби во тој потег. Сите тие гласини дека ќе се градат хотели, тврдам дека се инсинуации и невистини. Тоа е општествен јавен имот и припаѓа на сите“, додава Мерко.
Покрај десеттината угостителски објекти, кои работат на градските плажи во Струга, во струшко Радожда има уште десеттина летни тераси, кои не се совпаѓаат со Планот за управување со Охридското езеро и се косат со препораките на УНЕСКО.
Од охридска страна, пред една седмица, продолжи уривањето на објектите на плажите во населбата Лагадин. Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, со спротивно мислење од струшкиот колега, вели нема да има отстапувања, сите нелегални објекти на плажите ќе бидат отстранети пред туристичката сезона.
„Туризмот во Охрид не е врзан со пет-шест објекти на наши сограѓани, кои што сакаат да узурпираат државна земја и да заработуваат противправно. Охрид е многу повеќе од тоа, Охрид е светско природно културно богатство, сите плажи припаѓаат на сите нас. И затоа оваа година ќе ги ослободиме. Нема да дозволам приватни лица да узурпираат државна земја, тоа време заврши“, вели градоначалникот Георгиески.
Концесионерите лути и гневни, што се третираат како узурпатори. Велат сѐ граделе според проекти, елаборати и одобренија добиени од министерството за транспорт и врски. Последните години општината не им ги продолжила договорите.
„Сите овие плажи ги имаме изградено легално според урбанистички проекти. Последните две години договорите не ни се продолжуваат, а потоа сите плажи ги прогласија за дивоградби, не нарекоа урбана мафија. За жал, селективната правда е очигледна“, вели Даница Баческа сопственик на хотел во Лагадин.
Разрушени плажи, без шанкови, лежалки, чадори, санитарни чворови и интернет, ќе го вратат туризмот децении наназад, коментираат туристичките работници.
Соња Рилковска