Продолжува уривањето на дивоградбите на брегот на Охридското езеро. И Македонија пат се вклучува во акцијата. Со одлука на Владата, јавното претпријатие задолжено е да ја стави својата механизација на располагање на Општина Охрид за отстранување на дивоизградените објекти и уредување на плажите на брегот на езерото.
Општината обезбеди дополнителни 3 милиони денари за уредување на плажите и се очекува тие да бидат комплетно исчистени до средината на јуни.
Во однос на обвинувањата од граѓаните, дека селективно се уриваат објектите на плажите, градоначалникот уверува дека ќе бидат отстранети сите нелегални објекти.
„Нема селективно уредување на дивоградбите. Одиме по соодветна утврдена динамика сите плажи на кои им се истечени договорите за концесија ќе бидат отстранети. Сите плажи односно објекти на плажите, кои во минатото биле издавани со концесиски договори, сите се изминати и имаат добиено решенија за отстранување и никој од нив ова лето не смее да продолжи да обавува дејност, затоа што едноставно тоа е узурпација на државна земја и стекнување на противправна имотна корист и ние како Општина тоа нема да го дозволиме“, вели градоначалникот Константин Георгиески.
Швајцарската амбасадорка, која вчера беше во Охрид за промоција на проект за дуално образование, ги повика надлежните доследно да ги спроведат препораките на УНЕСКО за Охрид да остане на листата Светско природно и културно наследство.
„Охрид е дијамант на Балканот, толку убав град со извонредна природа култура и историја. Вие треба се да направите и да ги спроведете препораките на УНЕСКО. Не сум запознаена со детали, кои чекори треба да се преземат, но сесрдно препорачувам да се следат комплетно препораките на УНЕСКО“, вели Сибил Зутер Техада, амбасадорката на Швајцарија во земјава.
Според Невладиниот сектор во Охрид има околу 20.000 дивоградби, кои чекаат легализација. Градоначалникот тврди дека бројот е помал, но законот за легализација кој не го потпиша претседателот Пендаровски, не менува ништо бидејќи не се однесува на Охрид.
Инаку уривањето на дивоградбите на охридските плажи започна минатата година пред летната сезона, кога беше расчистена плажата Горица 2. Годинава продолжи, пред десеттина дена со отстранување на објектите на плажите во населбата Лагадин.
Соња Рилковска