Владата на РС Македонија е цврсто определена за почитување на вредностите и принципите на Советот на Европа-владеење на правото, демократијата, почитувањето на човековите права, вредности што остануваат врвен приоритет, пред се како обврска кон нашите граѓани, но и како полноправна членка на СЕ и земја кандидат на прагот на отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи на видео-конференцијата на сесијата на Комитетот на министри на Советот на Европа, со кој претседава Германија, а која се одржа во хибриден формат во Хамбург.
– Вредностите и принципите на Советот на Европа се патоказот за Северна Македонија во процесот на преговори и целосно интегрирање во Европската Унија, рече Османи во обраќањето на тема „Споделена одговорност за демократска безбедност во Европа’’.
Тој се осврна на клучните предизвици поврзани со заштитата на човековите права, демократијата и владеењето на правото како и влијанието на КОВИД-19 врз овие основни принципи на кои се темели Советот на Европа. Притоа ја потенцираше важноста од мултилатералната соработка и солидарност, особено при справување со комплексни прашања, какво што е рамномерната дистрибуција на вакцини, соопшти МНР.
По претседавањето на Германија, шестмесечното претседателство со Комитетот на министри го презема Унгарија, кое ќе трае до средината на ноември 2021 година.
извор: МИА






