Прилепчани го знаат Бабанеделиното училиште. Објектот сместен до најпознатата прилепска црква „Свето Благовештение“ или попозната Стара Црква, до ден денес го носи името – Бабанеделенио училиште. Иако сега е галерија на ретки икони.
Историјата го познава и го потврдува како првото изградено женско училиште во Прилеп. И има своја посебност, ексклузивност со факти досега непознати, ама сигурен предизвик да ги откриеме.
Кое е Бабанеделиното училиште? И зошто има толку необично име?
Нашата љубопитност почна со фасцинантната приказна на кустосот-советник од прилепскиот Завод и музеј, Илија Велкоски, сега во пензија. Тој долги години ги раскажува необичните приказни за иконите во Галеријата, некогашното Бабанеделино училиште. Подготвен е да ја раскаже и приказната за училиштето. Дури, неговата изградба на необичен начин се врзува за манастирот Трескавец.
-На крајот на 19-тиот век, прилепчани сакале да ги школуваат и своите женски деца. Имало потреба од изградба на женско училиште. Зградата каде сега е галеријата на ретки икони е првото женско училиште во Прилеп, наречено Бабанеделино училиште. Значи, прилепските големци, еснафот собрале доброволни прилози и местото го купиле од фамилијата Мотевци. Платиле тогашни 600 турски лири. И го изградиле училиштето. За изградбата е употребен дел од материјалот што останал при обновата на манастирот Трескавец. Да појасниме, во 1866 година, Манастирот изгорел (тој е првиот од трите пожари во 150-ина години). Дел од материјалот се употребил за женското, Бабанеделиното училиште. Со текот на времето, бидејќи немало доволно женски деца, станало училиште и за женски и за машки ученици. Било училиште до 1912 година, кога почнале Балканските војни, еден период не работело, и по Првата светска војна, 20-ите години од минатиот век, повторно е училиште. Еден период потоа било претворено во работничка школа каде се учеле занаетчиски работи. По Втората светска војна, пак е училиште па до 60-тите години од минатиот век, раскажува Велкоски.
Нашата потрага по документација не однесе во прилепскиот архив. Директорката Елена Чагороска ги отвори големите регистри со документи и беше уште попрецизна. Историјатот за женско училиште не враќа точно 155 години од денеска. Идејата да почне со работа женско училиште има зачеток во 1865, во годината кога се родил револуционерот Пере Тошев, зашто во неговата и куќата на неговото семејство Тошевци, почнала првата настава за ученичките. Куќата е веднаш зад црквата „Свето Благовештение“. Документите откриваат – токму во куќата на Тошевци почнува да работи женското училиште, пред да се изгради како посебна зграда. И имало голем интерес. Се пријавиле дури 180 девојки, а првата учителка им била Недела Петкова.
-Во 19 век кај прилепчани се јавува желба да отворат и женско училиште, оти машкото веќе работело од 1843 година во кругот на црквата „Свето Благовештение“, во денешниот трпезариски објект. А за школување на женските деца, тоа го направиле во 1865 година. Тоа било домаќинско-занаетчиско училиште. Исклучиво за женски ученички, кои прво ќе се описменуваат, а потоа ќе учат занаети. Имало курсеви за шиење, плетење, за везење. Интересот бил голем, во првата учебна година се пријавиле 180 ученички, така што Црковната општина ја ангажирала, во историјата спомната, а во архивот документирана, Недела Петкова, како прва учителка во женското училиште, објаснува Чагороска.
Бидејќи немало простории, а интересот бил голем, наставата се одржувала во куќата на Тошевци, зад црквата „Свето Благовештение“. Таа додава дека првата година ученичките се описменувале, втората учеле занаети. По две години, училиштето престанува со работа, бидејќи првата учителка Недела Петкова го напуштила.
-Има преданија дека не ги почитувала патријархалните норми во тоа време. Била преместена во Охрид. Училиштето не работело година-две, но потоа продолжува да работи со поголем интензитет. Донесени се учители, просветители и свештени лица. Донесени се Сава Плашева од Велес, Цветанка Миладинова од Струга, Икономова од Скопје, Марика Кафеџиева од Одринско, Марика Бочварова од Велес. Постои и летописна книга во која пишува кој што изучувал, колку учители биле, со платни списоци, и со дипломи од занаетчиското училиште, објаснува Чагороска.
Но, кон крајот на 19 век неминовна е потребата од посебен објект за женското училиште. И тука документите се отвораат.
-Во 1894 година, со народни донации и со средства на еснафите кои сакале да се изгради училиште, односно да се продолжат писменоста и занаетот, предадени од учителката Недела, се гради посебна зграда која денеска е позната како Бабанеделино училиште. Односно, тоа е местото на денешната галерија на икони на Заводот и музеј-Прилеп. Бил прекрасен објект во кој продолжуаат да се школуваат прилепчанките, вели Чагороска.
Од прилепскиот архив откриваат и досега во јавноста непознат факт. Со почетоците на женското училиште се совпаѓа и првата прослава во градот на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Свети Методиј. И тоа на иницијатива на преродбеникот Кузман Шапкарев.
-Мора да се каже како екслузивна информација дека во 1866 година, откако се отворило женското еснафско училиште, се побудила желба, а имало агитација на Кузман Шапкарев, кој бил од голема помош во описменувањето, и така, за првпат е направена прослава и одбележување на денот на Свети Кирил и Методиј. Прославата била на 11 мај, според стариот стил, по ново на 24 мај. Тоа е многу значајно за градот за укажувањето чест на просветителите, објаснува Чагороска.
Во 19 век во Македонија почнуваат мисионерите кои во поединечни општини ја шират писменоста. На каков било начин. Во тој период, познати наши историски дејци Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Кузман Шапкарев, Григор Прличев, Димитар Миладинов, сите тие поминале низ Прилеп и оставиле белег од нивните дела. Прилеп е меѓу првите во земјава со просветителството.
-Во 20-ите и во 30-те години на минатиот век најголем број училишта се во Прилеп. Преку 40. Секогаш еснафите имале доброволни прилози и се интересирале сите деца да се школуваат, без разлика на административната власт која во тој момент владеела. За сите да имаат поддеднакви услови за школување, потврдува Чагороска од Прилепскиот архив.
Нашата приказна за првото женско училиште во Прилеп, до денес познато Бабанеделино училиште, останува фасцинантна, потврдувачка, за желбата за писменост и учење. Кога ја фотографиравме зградата, денес Галерија, се сретнавме и со нејзин поранешен ученик, од првата генерација по Втората светска војна, кој токму во Бабанеделиното училиште учел на македонски јазик со македонски буквар. Осумдесет и четири годишниот Костадин Кепески, внук на Круме Кепески, составувачот на граматиката, со радосни сеќавања ни кажа дека бил во првата генерација ученици по Ослободувањето.
-Јас сум од првата генерација ученици по ослободувањето. Учев, до четврто, во Бабанеделиното училиште. Имавме посебна училница, секое одделение и уште една просторија за учителите. Ние почнавме да учиме од првиот македонски буквар, ни рече Костадин Кепески.
Првото женско училиште во Прилеп, денес Галерија на икони, секогаш ќе биде познато како Бабанеделино. Како место за спомени и приказни за школувањето, за првата учителка, но и за убавината на бесценетата уметност.
Елизабета Митреска / МИА