Се повеќе се случува при купо-продажба, трговецот, а и купувачот да ги заборават нивните права и обврски. Затоа при некаков дефект после купувањето на производот, неправилно издадена потврда при извршен сервис или било каков друг проблем, непријатностите се големи и една од страните секогаш е разочарана.
За да се избегнат некои од непријатностите со кои купувачот се соочува при евентуално враќање или носење на сервис на некој производ, добро е да се прочитаат правата и обврските на двете страни кои се регулирани во Законот за заштита на потрошувачите.
Колку често се случува при купување на производ, трговецот да ни објасни кои се карактеристиките на производот или услугата, да не воведе во условите за продажба, како и сите други информации побарани од потрошувачот содржани во декларацијата на производот? Многу ретко се случува ова, иако тоа е должност на трговецот регулирана преку чл.1 од Законот за заштита на потрошувачите. А ако трговецот не постапил според овој член, секое негово тврдење, се смета за невистинито.
Ако трговецот ги продава производите кои имаат недостаток или грешка, мора таквите производи физички да ги одвои од останатите производи и јасно, видливо и читливо да ги обележи на производот и на продажното место да истакне натпис дека се работи за продажба на производи со недостаток или грешка, а производот треба да биде спакуван во соодветна амбалажа.
При извршена продажба на производот, задолжително се издава фискална сметка и согласно со техничките прописи на производот трговецот е должен да издаде гаранција. Доколку производот има недостатоци, потрошувачот може да побара бесплатно отстранување на недостатоците, намалување на цената или замена, а во краен случај и раскинување на договорот за купувaње.
М. Миткоска