Најцрните точки на брегот на Охридското езеро се реката Сатеска, блатото во Подмолје и струшкото село Радожда. Сатеска секојдневно носи хемиски отпад, блатото во Подмолје е затрупано со градежен шут и заборавено, а во Радожда градежната офанзива е во самото езеро, смета научната фела.
Реакциите на УНЕСКО, но и она што е утврдено со закон се дека не смее да се гради во првата линија на езерскиот брег,
„Ние прво треба да си го исчистиме дворот, УНЕСКО многу не се секира. Си има правила и прописи ако не ги задоволуваш те брише од листата. Тука нема пардон. Не може да градите на крајбрежјето на Охридското езеро, каде со закон е одредено 50 метра “, вели професор д-р Здравко Крстанооски, пензиониран директор на Хидробиолошкиот институт Охрид.
Во однос на уривањето на плажите во Охрид , Крстаноски смета дека тоа е правилен потег. Уредени плажи треба да има, но не со бетони и железа.
„Јас тоа го поздравувам и така треба да биде. Сметам дека е задоцнето, одамна требаше да се воспостави ред на крајбрежјето. Практички плажите може да се дадат под концесија, но не под тие услови. Не смее да се градат цврсти објекти со ѕидови. Да нема пристап, со разни ѕидови, парапети , мислам беше една грдотија. Сега веќе ќе личи и така треба да биде. Нека бидат уредени, но само со монтажни објекти, согласно еколошките стандарди“, додава Крстаноски.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко тврди дека нема многу дивоградби и натаму стои на ставот дека тие нема да се отстрануваат.
„За бесправно изградени објекти в струшко се ѕидови од 20 до 50 см висина од автохтон камен заради заштита на своите имоти од брановите на езерото. Се работи за пет или шест платформи и патеки во езеро и неколку платформи во Радожда и никој не причинува штета или загадување на езерото. Во никој случај нема да ги отстрануваме“, вели градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.
Државата треба да преземе мерки да се отстранат сите дивоизградени објекти на струшкото крајбрежје, бара научната фела и еколозите.
„Државата треба да биде силна и треба да ги реши те проблеми. Нема дали градоначалникот сака, или Петко сака, или Здравко сака. Ако тоа е незаконско и штетно за околината посебно за вакви природни реткости треба да се руши“, вели Крстаноски.
Соња Рилковска