Со новите измени на законот за легализација се воведува целосна забрана за легализација во заштитените подрачја и националните паркови. Во претходната верзија се предвидуваше да има соодветно мислење од националните паркови. За жал граѓаните немаат доволно доверба и сега таму легализација нема, кажа премиерот Зоран Заев.
Не станува збор ниту за нова градба, ниту за капацитет каков што ние планираме да изградиме, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче во врска со обвинувањата што вчера ги изнесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека во Србија се гради Клинички центар кој ќе чини многу помалку отколку оној што се планира во земјава. Не може да ги споредуваме тие работи. Јасно стои во физибилити студијата што значи висока комплексност на болница и колку чини квадратен метар, нагласи Филипче.
Од денеска граѓаните ќе можат да се движат без маски на отворено, ќе се дозволи организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, а ќе биде дозволено и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители. Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека иако епидемијата спласнува, граѓаните да останат внимателни.
Колку има политички мандат во Бугарија да се донесе оваа одлука пред изборите, каде ќе биде Патоказот и која би била содржината на Патоказот – ова се трите суштински фактори. Нашиот пристап е дека сите карти се ставени за пробив во јуни, но овие три прашања ќе бидат клучни за исходот, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Од денеска граѓаните можат бесплатно да изнајмат велосипед од Општина Аеродром во периодот од 8 до 16 часот секој работен ден. За таа цел, општината става на располагање 10 велосипеди пред општинската зграда, кои можат да се подигнат со оставање лични податоци и телефон за контакт на пријавницата.
М. Миткоска