Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска не одговори на прашањето дали неговата партија и ДУИ на локалните избори ќе настапат со заеднички кандидат за градоначалник. Заев рече дека ДУИ има убава работа да соопшти во сабота, и оти таа е во целосна корелација со работењето на Владата. Додаде дека португалскиот предлог за нашата страна е одлична појдовна основа за постигнување договор со Бугарија и оти е задоволен од креативноста на португалското претседателство за да се се изнајде решение меѓу двете земји, со цел да се одржи првата меѓувладина конференција до крајот на јуни. Заев, сепак, вели дека очекувањата треба да бидат приземни, бидејќи Бугарија се уште има техничка влада.
Дневница зголемена за 100 проценти од основната и слободен ден ќе добиваат работниците во трговските центри, кои ќе работат во недела, бидејќи станува збор за неесенцијална дејност. Останатите работници од дејностите на кои поради спецификата или неопходноста за фунционирање на државата ќе им биде дозволено да работат во недела ќе добиваат дневница зголемена за најмалку 50 проценти и слободен ден, но, таа може да биде и повисока ако тоа се утврди со колективен договор или на друг начин.
Членовите на владиниот кабинет кои биле претходно во граѓанските организации се едни од поуспешните министри. Критиката е здрава работа и значи дека имаме можност секој да има слобода да си го изрази својот став. Уште подобро е кога тие критики се слушнати од адресите до кои се упатени и се на некој начин земени предвид, вели Фани Каранфилова-Пановска, извршен директор на Фондацијата Отворено општество по повод три децении работа во Западен Балкан.
Министерството за образование и наука ја подобри својата активна транспарентност за дури 21 % во 2021 година во споредба со минатата година, што го вбројува меѓу институциите со најголем напредок, покажува најновото рангирање на Центарот за граѓански комуникации.
М. Миткоска