Министерот за здравство Венко Филипче информира дека вчера од Амбасадата на Народна Република Кина било најавено дека во следните седум дена треба да пристигнат 500.000 вакцини „Синовак“. Секој понеделник пристигнува пратка на вакцините „Фајзер“ и тоа е согласно нашиот билатерален договор, дополнет со количината која доаѓа преку системот за солидарност на земјите членки на ЕУ, тоа се околу 10.000 вакцини. Веројатно и следните недели ќе биде таа количина. Дополнително, во јуни треба да пристигнат околу 100.000 вакцини преку КОВАКС механизмот. Министерот исто така информира дека ни предстои мирно лето, но сепак треба да сме внимателни и да ги почитуваме препораките.
По формално новинарско барање преку воспоставените правила за достап до информации за увид во содржината на словенечкиот нонпејпер кој ја разбрани балканската јавност пред еден месец, службите на Советот на ЕУ одбија, но потврдија дека документот постои. За потсетување информацијата објавена прво во словенечките медиуми и потврдена од неколку политичари во регионот обелодени дека владата на Јанез Јанша поднела нонпејпер во кој се предлага прекројување на границите на западен Балкан.
Со Софија разговараме како да го надминеме впечатокот кој тие го имаат дека спроведувањето на Договорот за пријателство не е на посакуваното ниво, и да добиеме поддршка за почеток на преговорите, вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Наместо да обвинува, опозицијата барем еднаш да помогне за националните цели, додава таа.
СДСМ и ДУИ воопшто не разговарале за заеднички кандидат за градоначалник на Скопје за октомвриските локални избори, изјави денеска премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев. Не, воопшто не е разговарано за таква работа за заеднички кандидат или компензации или нешто слично. Се работи за политичка платформа, перспективи, иднина итн, рече Заев по настанот во Штип.
М. Миткоска