Во интервју за српска „Политика“, македонскиот претседател Стево Пендаровски вели дека е благодарен на пријателскиот гест на Србија, да и помогне на Северна Македонија во справувањето со корона-кризата, посебно ја издвои помошта во процесот на вакцинирање.
„Ние сме и благодарни на пријателска Србија за навремената помош во справувањето со последиците од пандемијата, а особено во процесот на вакцинацијата. Србија стори сè што е во нејзините можности да ни помогне и ние тој пријателски гест знаеме да го цениме и нема да го заборавиме“, нагласува Пендаровски.
Зборувајќи за односите меѓу двете држави и отворањето на културните центри во Скопје и Белград, Пендаровски оценува дека двете држави немаат отворени прашања и насочени се кон постојано унапредување на соработката. Владите, како што посочува, веќе разменуваат идеи и конкретни предлози бидејќи културната соработка е еден од најдобрите начини за зацврстување на севкупните врски и односи меѓу нашите народи и држави.
Според Пендаровски, Северна Македонија нема отворени проблеми со Србија, но не престанува да биде на удар од другите соседи. /МИА/ ( дел од интервју за српска Политика).