Роман Протасевич, момче на возраст од 26 години, чиј лик ни одблиски не оддава впечаток за некоја голема закана, е блогерот за чие апсење диктаторот Лукашенко покрена цела една воена операција со присилно слетување на патнички авион со стотина патници. Протасевич никогаш не бил избран за јавни функции, ниту бил кандидат. Сепак, овој млад блогер и дисидент беше доволно „опасен“ за Лукашенко да преземе една апсурдно несразмерна акција за негово апсење.
Протасевич помогна светот да дознае за продемократското движење во Белорусија и тоа е неговиот најголем „грев“.
Белорускиот новинар и активист беше на пат кон дома за Литванија во летот на „Рајанер“ што сообраќал на релација Атина – Вилнус. Авионот се наоѓал во воздушниот простор на Белорусија и скоро стигнал до Литванија, кога пилотот бил принуден да го смени правецот. Белоруските власти побарале авионот принудно да слета со образложение дека во авионот има експлозив. Но ништо не е пронајдено во леталото.
Според белоруската државна новинска агенција БеИТА, претседателот Лукашенко лично наредил авионот на Рајaнер да биде придружуван од воениот авион Миг-29.
Кога полицијата го уапси Протасевич заедно со неговата девојка Софија Сапега, Русинка и студентка по право, пред да дозволи летот да продолжи, беше повеќе од јасно дека токму тој беше мета на оваа операција.
Кој е Роман Протасевич?
Што стори овој млад блогер, дигитален револуционер, ко-примател на Сахаров наградата за слобода на мислата во 2020 година што ја доделува Европскиот парламент секоја година, па да го навлече гневот на белоруските власти?
Протасевич беше главен уредник и ко-основач (заедно со блогерот и јутјубер Степан Путило) на „Nexta“ и „Nexta-Live“, канали за вести на платформата „Телеграм“, кој се здоби со репутација на доверлив алтернативен извор на информации и го привлече гневот на белоруската авторитарна влада.
Ексклузивните материјали кои содржеа и видеа што ја разоткриваат бруталноста на режимот, обезбедени од кругови на владата и остриот пристап ги направи „Nexta-Live“ и „Nexta“ да бидат главен извор за белоруското политичко известување во времето на спорните претседателски избори во земјата што се одржаа минатиот август. Продемократските борци ги користеа каналите за да ги информираат приврзаниците за деталите на протестите, како и за објавување извештаи и слики од бруталните напади врз демонстрантите од страна на безбедносните служби под команда на Лукашенко.
Откако масовните протести станаа секојдневие во Белорусија, „Nexta“ објавуваше кога и на кое место ќе бидат протестите, даваше совети за спротивставување и избегнување на полицијата и упатства за одржување на протестите без употреба на насилство од демонстрантите. Наспроти тоа, демонстрантите беа пречекани со брутална акција од страна на белоруските власти, што резултираше со апсења на десетици илјади цивили и шокантни сцени на полициско насилство. Информации за полициската бруталност беа делумно достапни за надворешниот свет и поради „Nexta“ каналот што го уредуваше Протасевич.
Роман себеси се опишува како „првиот новинар-терорист во историјата“. Белоруската тајна служба во ноември 2020 година го стави 26-годишниот опозициски блогер на својата листа на барани терористи.
Неговото име, како што пишува DW, за првпат се појави во јавноста кога како 16-годишен ученик беше уапсен во Минск – со долга коса и гордо крената глава, поради учество на протести против Лукашенко. И покрај добрите оценки, беше исфрлен од училиште. Потоа повторно беше уапсен во 2011 година под обвинение дека стои зад опозициски профил на социјалните мрежи. Кружеа и информации дека си заминал од дома поради разлики во ставовите со родителите. Татко му е поранешен офицер и предавал на Воената академија. Подоцна, таткото ги демантира информациите дека дошло до кавга со син му. Протасевич потоа се ангажира во опозициската младинска организација „Млад фронт“ и студира новинарство на универзитетот во Минск. Но, и оттаму е исфрлен, наводно, од административни причини. Тој самиот, пак, смета дека политичките мотиви биле пресудни.
Во 2017 добива Хавел-стипендија од белоруската редакција на американското радио „Слободна Европа“ со седиште во Прага. Работи како хонорарен новинар за различни медиуми, меѓу кои и за водечкиот веб портал „Tut.by“ кој власта го затвори неодамна.
Кон крајот на 2019 година, Протасевич се сели во Полска, каде и станува главен уредник на каналите на мрежата „Телеграм“ – „Nexta“ и „Nexta-Live“. Во септември 2020 година, Протасевич заминува во Вилнус, каде во егзил живее и поранешната кандидатка за претседател и лидер на опозицијата, Светлана Тихановскаја. Еден месец претходно, поради големите притисоци, неговото семејство е принудено да се пресели во Полска.
Во Белорусија, против Протасевич се водат неколку постапки, а му се заканува и затворска казна до 15 години. Главната причина е неговата работа во каналите „Nexta“ и „Nexta-Live“ по претседателските избори во август 2020 година. Колкава е неговата закана за режимот на Лукашеноко, говори што овој испрати воен авион Миг-29 за да принуди меѓународен патнички авион да слета, за да го уапсат.
Силни реакции од меѓународната заедница за апсењето на Протасевич
Лидерите на ЕУ го осудија принудното слетување на авионот во Минск и апсењето на Протасевич.
Тоа е целосно неприфатливо. Сметаме дека белоруската Влада е одговорна за безбедноста на сите патници во тој авион. На сите патници мора да им биде дозволено веднаш да го продолжат патувањето, напиша на Твитер шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, исто така, ја повикаа Белорусија „да ги ослободи сите патници“.
Фон дер Лајен, пред почетокот на ЕУ самитот во Брисел порача дека присилното слетување на авионот во Минск нема да помине неказнето од страна на ЕУ.
Ќе има силен одговор, режимот на Лукашенко ќе мора да разбере дека ќе има сериозни последици, ќе разговараме за разните можности за санкции, санкции за инволвирани поединци, но и за бизниси и економски ентитети кои го финансираат овој режим како и за авионскиот сектор во Белорусија, изјави шефицата на Европската Комисија.
Полскиот премиер Матеуш Моравиецки го нарече апсењето на Протасевич „чин на државен тероризам“.
Генералниот секретарт на НАТО, Јенс Столтенберг истакна дека принудното слетување на авионот на Рајанер во Минск е „сериозен и опасен инцидент“ и побара меѓународна истрага.
Претходно, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Твитер напиша дека „присилното слетување на комерцијален авион за притворање новинар е невиден, шокантен чин“.
Претседателот на Литванија, Гитанас Науседа побара од Белорусија да го ослободи Проташевич.
Ги повикувам сојузниците на НАТО и ЕУ веднаш да одговорат на заканата што ја претставува белорускиот режим за меѓународните цивилни летови. Меѓународната заедница мора да преземе итни чекори за да спречи тоа да се повтори, истакна Науседа.
Еврокомесарката за сообраќај Адина Валеан, изјави дека авионот на компанијата Рајанер, по неколку часовно задржување го продолжил патувањето кон Вилнус, но без Протасевич и неговата девојка.
Наредниот ден Литванија соопшти дека нема да дозволи ниту еден лет, ниту влезен, ниту излезен, да го преминува белорускиот воздушен простор.
„Еуроконтрол“ – Европската агенција за контрола на летањето, соопшти дека низ Белорусија дневно минуваат околу 100 авиони на европски и британски превозници и дека е најдобро во иднина тие да се пренасочат кон воздушниот простор на балтичките земји. ЕУ го исклучи белорускиот превозник „Белавија“ од својот воздушен простор и од аеродромите.
Францускиот авиопревозник „Ер Франс“, германската авиокомпанија „Луфтханза“ и холандската КЛМ, соопштија дека привремено ги прекинуваат летовите во воздушното пространство на Белорусија.
САД и европските членки на Советот за Безбедност на ОН побараа од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО) итна истрага за белоруското пренасочување на авионот на „Рајанер“. Инцидентот е без преседан и неприфатлив и белоруските власти треба во целост да одговораат, се наведува во соопштението, во кое акцијата на Белорусија е силно осудена и се повикува на итно ослободување на Протасевич и неговата девојка.
ЕУ смета дека ова е уште еден обид на Минск да ги замолчи опозициските гласови и побара веднаш да биде ослободен Прoтасевич. Амбасадорот на Белорусија при ЕУ, Александр Михневич, е повикан во седиштето на европската дипломатска служба за да му се врачи протестна нота.
Баренд Лејтс, портпарол на претседателот на Европски совет, Шарл Мишел, најави дека на Самитот на Европска Унија ќе се разговара за евентуални санкции кон Белорусија. ЕУ, која веќе има воведени три рунди санкции кон Белорусија, работела на четврта рунда санкции кон белоруски претставници, како одговор на спорните избори од 2020 година, кога е реизбран претседателот Александар Лукашенко, што предизвика масовни протести шиурум земјата, кои насилно беа задушени.
Во меѓувреме Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) побара ослободување на Проташевич.
Загрижена сум од извештаите дека цивилен авион бил принуден да слета во Минск за да биде уапсен независниот новинар Роман Протасевич. Таквото однесување е многу вознемирувачко и несовесно. Ја повикувам Белорусија веднаш да го ослободи новинарот Проташевич, изјави претседавачката со ОБСЕ, шведската министерка за надворешни работи Ан Линде.
Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро ги повика белоруските власти веднаш да ги ослободат сите приведени новинари и вработени во медиумите во таа земја, наведувајќи дека повеќето од нив се приведени за известување за јавни настани и други политички настани.
Оваа систематска репресија на новинари и медиумски работници е флагрантно кршење на обврските на ОБСЕ за слобода на изразување и слобода на медиумите, кои Белорусија ги презеде како членка на ОБСЕ, напиша Рибеиро во писмото до белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи.
Економски најразвиените демократии – Земјите од групата Г-7, ги осудија акциите на Лукашенко околу инцидентот со патничкиот авион и апсењето на новинарот и неговата соопатничка Софија Сопега, кои се наоѓале на тој лет. Потписници на заедничката изјава се министрите за надворешни работи на Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД.
Советот на НАТО остро го осуди присилното слетување на авионот на Рајанер во Минск, се вели во соопштението издадено по состанокот на постојаните претставници на членките на Алијансата. Во документот се нагласува дека притворот на Протасевич е „навреда за принципите на политичко несогласување и слобода на медиумите“. Северноатлантскиот совет поддржува итна независна истрага за инцидентот со авионот на Рајанер во Минск.
Лукашенко одговори со нови забрани, апсења и ограничувања на медиумите
Лукашенко потпиша закон со кој ригорозно се ограничува дејноста на медиумите во државата и им се дозволува на властите да ги затворат без судски налог.
Новиот закон им забранува на медиумите да известуваат за неовластени масовни настани во живо. Исто така, му овозможува на Министерството за информации да затвори медиум, мерка за која досега се бараше судска пресуда. Нормативниот акт исто така забранува објавување на резултати од неовластено истражување на јавното мислење. На новинарите им е забрането да учествуваат во протести.
Ова е најрепресивниот закон за медиуми во Европа, со кој работата на новинарите во Белорусија се претвора во минско поле, изјави Андреј Бастунец, претседател на Белоруската асоцијација на новинари.
Следи обвинението до главната уредничка на независниот белоруски медиум „Tut.by“, Марина Золотова за наводно затајување данок.
На Золотова ѝ се заканува затвор од три до седум години доколку биде прогласена за виновна по сослушувањето зад затворени врати, соопшти „Tut.by“. Веднаш потоа порталот престанува да емитува. За време на протестите, „Tut.by“ беше една од најчитаните веб-страници во Белорусија. Во рамки на акцијата против масовните протести против Лукашенко, што избувнаа минатата година по спорните избори, беа уапсени 15 вработени од „Tut.by“.
Белоруските власти им ја одзеле акредитацијата на многу новински организации. Контролата на владата на дигиталните, како и на традиционалните медиуми, немилосрдно се засилува. Беа објавени дополнителни ограничувања на новинарите, вклучително и забрана за емитување во живо на несанкционирани протести и организирање или учество во „масовни настани“ за кои известуваа.
За време и после протестите, новинарите наклонети на опозицијата се соочиле со рации, апсења, затвор или биле принудени да се преселат во странство.
Фактот дека „Nexta“ има свои канцеларии во Полска значи дека Минск досега не бил во можност да го затвори каналот. Но, Лукашенко е подготвен ако е потребно и да ги раскине меѓународните договори за да ги фати, казни и замолчи оние што му пркосат. Со апсењето на Протасевич станува јасно дека патувањето, дури и во демократските земји, претставува ризик за сите белоруски опозициски фигури кои се охрабриле да говорат и дејствуваат против белорускиот диктатор. Начинот на неговото притворање служи како порака и силно предупредување дека нема безбедно засолниште за противниците на Лукашенко.
Кога било јасно дека летот на Рајанер ќе слета во Белорусија, Протасевич, наводно, се свртел кон еден сопатник и му рекол дека ова најверојатно ќе заврши со негова егзекуција. Тој, за жал не претеруваше. Неговото име е ставено на списокот на терористи од страна на државните безбедносни сили, а казната за терористички престапи во Белорусија е смрт.
Белорускиот затвор е опасно место за секој уапсен за „политички злосторства“, без оглед на официјалните обвиненија. Демонстрантите кои поминале време во притвор биле подложени на тешко физичко малтретирање, вклучувајќи тортура и силување. Некои умираат под сомнителни околности. Минатата недела, за Витолд Ашурак, член на опозициската партија Белоруски народен фронт, претрпел смртоносен срцев удар додека издржувал петгодишна затворска казна за учество во протести, нагласува Џенифер Матерс, која предава меѓународна политика од Универзитетот Абериствит.
Загрижувачките извештаи за состојбата на Протасевич започнаа да се појавуваат само неколку часа по неговото притворање. Мајката на новинарот добила пораки дека нејзиниот син е хоспитализиран поради проблеми со срцето.
Протасевич е во истражен затвор во центарот на главниот град Минск, изјави портпаролката на Министерството за внатрешни работи на Белорусија и ги отфрли како лажни тврдењата на мајката на Протасевич до белоруските опозициски медиуми дека нејзиниот син бил хоспитализиран во Минск.
После тоа се појави кратко видео од Протасевич на прорежимски канал на Телеграм. Со видни модринки на неговото лице и залутан поглед, новинарот негираше какво било малтретирање или здравствени проблеми и тврдеше дека соработувал со властите, вклучително и признавајќи дека организирал „масовни немири“ во Минск.
Режимот не застана само на тоа. По неколку дена, Државната телевизија на Белорусија емитуваше и долго интервју со Протасевич. Во интервјуто за радиодифузерот ОНТ, 26-годишниот блогер признава дека организирал протести против претседателот Александар Лукашенко. Во исто време, тој рече дека му се восхитува на Лукашенко.
„Навистина непријатно ми е да го гледам ова. Роман Протасевич се појавува на белоруската државна телевизија за да го фали автократот Александар Лукашенко, 10 дена откако блогерот беше симнат од летот на Рајанер, кој беше принуден да слета во Минск. „Volte-face“ на кое е многу тешко да се поверува.“, пишува Matthew Luxmoore
Really uncomfortable to watch this. A battered Roman Protasevich appears on Belarusian state TV to praise autocrat Aleksandr Lukashenko, 10 days after the dissident blogger was taken off the Ryanair flight that was forced to land in Minsk. A volte-face that’s very hard to believe pic.twitter.com/escJriEtfX
— Matthew Luxmoore (@mjluxmoore) June 3, 2021
Родителите на Протасевич вeлат дека нивниот син бил малтретиран во затворот и бил принуден да дава такви изјави. Неговата мајка Наталија Протасевич, која живее во Полска, го оцени интервјуто како резултат на тортура во затвор.
„Не можам ни да ги замислам методите на тортура – психолошки и физички – на кои мојот син е подложен во моментот“, изјави 46-годишната мајка за ДПА. – Веројатно не можете да претрпите поголема тортура како мајка, вели таа.
Под каков притисок е Протасевич само може да се претпостави. Во еден и полчасовниот разговор, во темна и драматична сценографија каде што се одвива интервјуто, Протасевич со треперлив глас упатува обвинувања и против другите членови на белоруската опозиција. Вели дека се дистанцира и од опозициската лидерка Светлана Тихановскаја, главната политичка противничка на Лукашенко.
Светлана Тихановскаја, предводничката на белоруската опозиција, „икона“ на протестите против Лукашенко
Ваквиот метод на изнудени „доброволни признанија“ не е новост за режимот во Белорусија. Лидерката на белоруската опозиција Светлана Тихановска, исто така, се појави во видео во кое се препознава неубедливото „признание“, непосредно пред да побегне од Белорусија во август 2020 година.
Таа подоцна потврди дека нејзиниот настап бил принуден и дека за тоа биле користени закани кон нејзиното семејство. Тихановскаја вели дека токму тоа сега се случува и со Протасевич.
UPDATE: Tikhanovskaya speaks: Clearly distressed, she says she left Belarus for her children’s sake. “God forbid you have to face the choice I had to face.” pic.twitter.com/6mA0dYLGkl
— Christopher Miller (@ChristopherJM) August 11, 2020
Тихановскаја, 37-годишната професорка по англиски јазик, во август 2020 година, после објавувањето на резултатите од претседателските избори, изјави дека поголемиот број граѓани се со неа. Тихановскаја, според зборовите на нејзините поддржувачи, на протестите е пречекувана како вистинска рок ѕвезда.
In #Minsk, #Belarus, opposition presidential candidate Sviatlana Tsikhanouskaya goes to a polling station to receive a rock star treatment. The level of support to her is unprecedented for an opposition candidate as she unified the protest sentiment: pic.twitter.com/XGbiuTPBzO
— Alex Kokcharov (@AlexKokcharov) August 9, 2020
Тимот на Светлана Тихановскаја, претходно, ги обвини официјалните лица поради апсењето на нејзиниот менаџер, кој нема да бид пуштен на слобода сѐ до крајот на изборите. Нејзиниот сопруг Сергеј е уапсен по обидот да се регистрира како кандидат на изборите.
Александар Лукашенко е претседател на Белорусија од 1994 година и со победата на претседателските избори во август 2020 година, претендира да биде на власт повеќе од 30 години. И покрај многуте шпекулации дека Лунашенко би можел да ги загуби изборите, како што тоа бидува со режимите, тој доби повеќе од 80 отсто од гласовите.
Изборната комисија на Белорусија ги објави официјалните резултати од претседателски избори, според кои Лукашенко освои 80,23 отсто од гласовите. додека главната опонентка на Лукашенко, Светлана Тихановскаја освои 9,9 проценти од гласовите, а другите тројца кандидати освоија помалку од два отсто.
Демонстрантите извикуваа – Срамота, Срамота!, додека членовите на изборната комисија ја напуштаа зградата во Минск.
People shouting “Shame! Shame!” as the members of the electoral commission leave the building in Minsk.pic.twitter.com/gG7pYbEiQp
— Status-6 (@Archer83Able) August 9, 2020
Вечерта на 9 августво после завршувањето на изборите, предводени од опозицијата и Тихановскаја, во Минск почнаа да се собираат демонстранти, кои не ги признаваат резултатите од изборите и победата на Лукашенко, додека на социјалните мрежи се појавија видео снимки на кои се гледаа голем број воени возила како возат кон главниот град.
OMON (riot police) at the Independence Avenue in Minsk. pic.twitter.com/l568bNGGbc
— Status-6 (@Archer83Able) August 9, 2020
Полицијата се судри со демонстрантите. Протести имаше во сите поголеми градови во Белорусија. Беа притворени повеќе од 2.000 лица ширум земјата само на првиот ден од протестите, соопшти Центарот за човекови прави Виасна.
Најмалку едно лице загина, а десетици се повредени. Според локалните организации за заштита на човековите права, еден човек загинал откако бил прегазен од полициско комбе, додека другите демонстранти се здобиле со повреди во судирите со полицијата, е билансот од вториот ден од демонстрациите. Во Минск се повредени 50 луѓе, а над 120 во цела земја.
„Амнести интернешнл“ објави дека полицијата во Минск врз демонстрантите фрлила шест шок-бомби и истрелала неколку куршуми.
За Лукашенко, демонстрантите се марионети упавувани од странство, кои имаат поддршка од САД. Тој, додека траеја масовните протести во центарот на Минск, со хеликотер слета во својата резиденција.
Државната радио телевизија го емитуваше видеото на кое се гледа Лукашенко облечен во панцир со автоматска пушка од типот калашников в рака. Со ова, Лукашенко кој сака да изгради имиџ на мачо маж, има за цел да демонстрира сила. Останува непотврдено дали со овој хеликоптер потоа и ја напушти својата резиденција, додека повеќе од 250.000 луѓе се собраа на централниот плоштад во Минск. Тие маршираа кон Палатата на независноста, каде беа соочени со специјалците, кои ги чуваа канцелариите на Лукашенко.
Два дена по големите демонстрации против Лукашенко во август 2020 година, опозициската кандидатка Светлана Тихановскаја, побегна во Литванија.
Европската унија. оцени дека претседателските избори во Белорусија, на кои Лукашенко освои нов мандат, не биле „ниту слободни, ниту фер“ и побара остри санкции.
Во меѓувреме протестите не стивнуваа. Отпорот на демонстрантите добива и нови димензии.
Стотици жени во бела облека и со бели рози и други цвеќиња во рацете формираа „жив синџир“ на Плоштадот Комаровски во Минск, во знак на солидарност со повредените за време на протестите во Белорусија.
Во Минск, на протести излезе и дел од медицинскиот персонал, кои изразија солидарност со повредените во протестите. Исто така, своето незадоволство го изразија и музичарите од Белоруската филхармонија.
На четвртиот ден од пост-изборните протести, кои беа насилно задушени, уапсени се уште 700 демонстранти. Со тоа, вкупниот број на уапсени се искачи на 6.700 од почетокот на протестите.
Не се поштедени ни новинарите, ни медиумите. Белоруските безбедносни агенции до сега уапсиле 64 новинари кои протестираа по претседателските избори на 9 август, соопшти белоруската Асоцијација на новинари. Еден од уапсените тогаш е и Роман Протасевич.
Според невладината организација, 24 новинари биле задржани на 9 август, 20 други на 10 август, 12 на 11 август и уште осум на 12 август. Меѓу уапсените има и новинари од други земји, вклучително и од Русија и Украина. Телевизиски водители и новинари кои работат за државни белоруски медиуми понудија оставка. Ова го најавија на своите профили на социјалните мрежи. Најпознати од нив се водителот на „Белорусија 1“, Евгениј Перлин, политичкиот аналитичар на ОНТ. Дмитриј Семченко, водителката од CTV, Татјана Бородина, и радиоводителот Александар Шустер.
Поддршката од Путин за Лукашенко
Од каде овој белоруски диктатор ја црпи примарната сила да држи во заложништво цела една држава?
Додека западниот свет бара начини да се скроти самоволието на Лукашенко, Владимир Путин го пречекува Лукашенко на јахта во близина Сочи во Црно Море.
Вчера беше ден на официјални разговори, а денес е неформален, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за средбите во Сочи.
Путин и Лукашенко го искористија „убавото време“ и отидоа „на пат со брод“, продолжи портпаролот. Разговорите во саботата се фокусираа на економската соработка и пандемијата од Ковид-19 коронавирусите, според Песков.
Путин сакаше да ја покаже својата долгогодишна сојузничка поддршка на Лукашенко во врска со неговите последни судири со Западот.
Потврдено е дека Русија ја обезбедила втора рата од заем од 1,5 милијарди долари за Белорусија.
Москва му ги даде на Минск првите 500 милиони долари минатиот октомври, насочени кон стабилизирање на својот сосед, а втората транша требаше да биде добиена пред крајот на јуни, објавија агенциите РИА и Интерфакс.
Реакцијата на светската карикатура на апсењето на Протасевич
Карикатуристите ширум светот своите ставови ги изразија на недвосмислен начин.
Путин и Лукашенко наздравуваат за „победата“, карикатура од Jeff Danziger.
Лукашенко во улогата Кога јагнињата ќе стивнат од Denis Lopatin; Путин и Лукашенко во лов од Joep Bertrams; Во градите на диктаторот, од Krysztof Grzondziel; Киднапирање на авионот од Рајенер и апесњето на Протасевич од Marian Kamensky; Лукашенко Airways од Hajo de Reijger; Прес-конференција во Белорусија од Bruce MacKinnon; ТВ признанието од Tjeerd Royaards; се само дел од реакциите на карикатуристите.
Последните грчеви на белорускиот диктатор
Иако се чини дека Лукашенко ги држи сите карти во свои раце, жестината со која режимот се „справува“ со критичарите е знак на страв и немоќ да ги менаџира процесите. Политички лидер кој целосно ја контролира ситуацијата не апси граѓани, не апси новинари, уредници, политички противници. Политичар кој ја има контролата над ситуацијата не убива, не протерува опозициски лидери и неистомисленици, не се шета со калашников пред народот, не киднапира авиони за да уапси блогер.
Инсистирањето на режимот да ја згасне секоја манифестација на несогласување, па била таа манифестација и уметнички перформанс, само се поклопува со одлучноста и еластичноста на граѓаните кои и покрај сите тортури продолжуваат да пркосат на режимот, a само прашање на време е кога владеењто на Лукашенко ќе пукне како балон од сапуница.
Иако репресијата и насилството досега му овозможуваа на Лукашенко да се одржи на власт, во безбедносните сили, кои се неговата последна алатка против опозицијата, наводно, се појавуваат пукнатини. Станува сè појасно дека овој режим има уште малку што да понуди, а се ближи денот кога граѓаните ќе ја извојуваат конечната победа – пад на режимот на еден од последните диктатори во Европа.
Јане Ѓорѓиоски