Успешно заврши спасувачката акција во близина на трговскиот центар „Мавровка“. Човекот, кој сакаше да се самоубие, скокајќи од тераса на станбена зграда, е спасен, пренесе МИА.
Полицијата успеа да го разубеди во неговата намера. Повеќе часови се преговараше со него. Во близина на зградата беше поставен и душек за спасување.
На терен, покрај полицијата, имаше и екипи на Противпожарната единица на Град Скопје и на Брза помош.
Како што може да се забележи од фотографиите на репортерот од Фронтлајн, лицето е приведено од полицијата.
Командантот на скопската Бригада за противпожарна заштита, Владимир Симоновски во изјава за медиумите рече дека во спасувачката акција интервенирале со 11 пожарникари заедно со командирот на чета.
– Бригадата за противпожарна заштита интервенираше заедно со екипите на МВР со полицијата и со специјалните единици. Побараа од нас техничко поставување на душек кое е за спасување. Сагата траеше повеќе од четири часа и успешно заврши со интервенција на МВР со специјалната единица на полицијата, рече Симоновски.
Првичната информација, според него, е дека станува збор за психичко растројство и љубовни семејни проблеми.
J. Ѓ.
Фото: Огнен Бошњаковски












