Со чартер-лет од скопскиот аеродром, македонската фудбалска репрезентација претпладнево оди за романската престолнина Букурешт. На аеродромот во Скопје, македонските репрезентативци ги испрати премиерот Заев.
Од Фудбалската федерација на Македонија упатија искрена благодарност до Владата на Република С. Македонија и Премиерот, Зоран Заев за убавите зборови на поддршка за македонската репрезентација пред заминувањето за Букурешт.
Сите тестови на коронавирус во македонската експедиција се негативни и во комплетен состав се патува за Романија.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски последните пет дена од подготовките за настапот на Европското превенство ќе ги поминат во градот каде ќе ги одиграат првите два натпревара од континенталниот шампионат.
„Црвено-жолтите“ на ЕП се наоѓаат во Ц-групата. Тие на 13 јуни ќе играат со Австрија, а на 17 јуни се среќаваат со Украина. Последниот натпревар од групната фаза ќе го имаат со Холандија во Амстердам.
Ј. Ѓ.