Во Брисел денеска се одржува Самит на НАТО, на кој Северна Македонија ќе ја претставува премиерот Зоран Заев. Еден за сите, сите за еден, затоа што заедно сме посилни, стои во објавата на премиерот. Ова е средба на шефовите на држави или влади на членките на Алијансата на која Северна Македонија учествува како полноправна членка на НАТО. Лидерите на 30-те земји членки ќе разговараат за иднината на Алијансата и нејзините предизвици.
Владата го усвои Предлог-законот за работни односи со чии измени недела ќе биде ден за неделен одмор од први октомври 2021 година. Измените на овој закон кои се изработени по пат на социјален дијалог, предвидуваат недела да биде ден за неделен одмор за сите работници, освен за дел од работниците во дејностите каде работниот процес не може да биде прекинат.
Од 16 јуни (среда) целосно да се укине полицискиот час и ограничувањето од максимум 100 гости на свадби и прослави, и да се дозволи организација на настани, концерти и забави во клубовите и локалите само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1000 лица. Ова се одлуките кои изутринава ги донесе Комисијата за заразни болести, а кои денеска на својот фејсбук профил ги објави министерот за здравство Венко Филипче.
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски, жали за поразот (3:1) од Австрија на дебито на Европското првенство, но не е разочаран и им порача на своите избраници да се фокусираат на следните две средби.
М. Миткоска