Кога еден човек со своите деца се соочува со ризик од смрт или прогон, не постојат ѕидови или пандемии што можат да го одвратат од обидот да најде безбедност. Пандемијата не го сопре движењето, а не го сопреа ниту ограничувањата. Бегалците и барателите на азил можат да дадат придонес кон одржливиот развој на земјата, доколку постои солидарност и системот го дозволува тоа. Тие се луѓе како вас и мене, посочува во интервју претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР, Моника Сандри. Таа во интервјуто по повод Светскиот ден на бегалците, посочува дека постои зголемен број на лица кои се принудени да ги напуштат своите домови.
Уште еден пациент со индиски сој на вирусот Ковид-19 е регистриран во државата. Во меѓувреме, македонските државјани вчера масовно заминаа за вакцинирање во Србија, а на сила стапија и новите правила за патување во Грција, кои дозволуваат да се патува и со негативен рапид (брз) тест. Индискиот сој на вирусот Ковид-19 е регистриран кај пациентот кој бил на работа во Ирак – колега со првооткриениот случај со овој мутиран сој во државата. Пациентот не е во ризик, неговата состојба е под контрола.
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Околу пладне и попладне ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 25 до 34 степени. УВ индексот ќе биде 8, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
Градот Скопје ја почнува летната градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските улици и булевари. Во претстојниот период предвидено е да почнат градежни работи на 11 локации низ градот, во неколку скопски општини. За потсетување, во текот на есенската градежна офанзива на Град Скопје, пред крајот на 2020 година, беа обновени многубројни сообраќајници во повеќе скопски општини, со посебен акцент на реконструкцијата на источниот влез во градот. Сите градежни акции се завршија во рекордно кратки рокови, од 10 до 30 дена.
Словенците од утре ќе можат да изберат со која вакцина против Ковид-19 ќе се вакцинираат. Имаме доволно вакцини и веќе од понеделник, ќе може да се избира вакцина, изјави синоќа словенечкиот премиер Јанез Јанша во говорот на конгресот на неговата Словенечка демократска партија (СДС).
М. Миткоска





