Инфектологот д-р Никола Пановски, за Локално.мк вели дека двата досегашни случаи на индиски сој ковид-19 се под контрола и не можат да го шират вирусот, но мора будно да се следи состојбата.
-Доколку се случи негово ширење кај нас, треба брзо да се реагира и за жал, повторно да се воведат рестрикции. Сепак, на отворено и индискиот сој се шири потешко, треба да се продолжи со мерките од носење маски во затворен простор, вели Пановски.
Она по што се разликува делта или индискиот вид од другите мутации е неговата брза преносливост, обајснува професорот Пановски.
-Делта варијантата има пет карактеристики кои ја разликуваат од другите две широко раширени варијанти, алфа (британска мутација) и бета (јужноафриканска), како и од оригиналот (Вухан). Брзо се шири низ целиот свет. За 30 до 100% е позаразен од алфа сојот, кој инаку за толкав процент беше позаразен од оригиналот. Тоа би значачело дека едно лице може да зарази во просек пет лица. Побргу се јавуваат симптомите, главоболка, гушоболка, секреција од носот, нема губиток на вкус и мирис. Кај младите дава слика на настинка. Почеста е хоспитализацијата со делта сојот, отколку со алфа сојот. Една доза на вакцина заштитува само 30% од инфекција со симптоми, но две недели по примени две дози од Фајзер или Астра Зенека заштитувааат солидно од делта сојот, околу 90%, само некој процент помалку во однос на алфа варијантата, вели докторот.
Пановски напоменува дека иако во моментов имаме стабилна епидемиолошка состојба со појавата на мутациите како и индискиот сој таа може да се промени за еден месец.
-Додека е топло времето тоа не би бил силен бран, но наесен е можно ширење на вирусот, особено меѓу младите, невакцинираните, а и меѓу некомплетно вакцинираните, вели тој.
Според микробиологот што помалку му се овозможи на вирусот да се размножува, помали се шансите да се повајват и создадат нови опасни мутации.
Извор: Локално.мк