Помина уште еден самит на европските челници, а безусловната препорака за почеток на преговарачкиот процес на Европската Унија со Северна Македонија и Албанија остана нереализирана. Апсурдот е голем, а уште поголем, ако се знае дека самата Европска Комисија зборува за безусловна препорака за отпочнување на преговори, а од друга страна, земја членка на ЕУ, која барем гласно и јасно и нема некоја поддршка од останатите, продолжува да блокира две земји од нејзиното соседство кон европскиот пат.
Ако во некои не толку дамнешни времиња, во македонската јавност дискутиравме дали тоа што Албанија ќе биде во пакет со нас ќе го забрза или забави процесот, сега сигурно таквата дискусија е префрлена во Тирана. Нелогичноста, неоснованоста и целосната спротивност со европските вредности на бугарското барање за ревидирање на нашата државна, јазична и културолошка историја и смисла на постоење, (ин)директно ја блокира и европерспективата на нашиот западен сосед кој станува колатерална штета.
Испреплетеноста на моменталната слика на бугарската политичка сцена, со техничка и привремена влада, но и претседател на држава кој е всушност „опозиционер“, воопшто не оди во прилог на наш исчекор напред. Но, за да бидат македонските размислувања околу ЕУ патот уште попесимистички, парламентарните избори кои наскоро ќе се случат во Бугарија, за очекување е уште повеќе да ја радикализираат тамошната јавност преку изборната кампања и билдањето национализам и политички поени преку популистички осврт на македонско-бугарските односи. Дополнително, знаејќи ги прогнозите на релевантните истражувачки куќи, повторно се очекуваат нејасни и тесни изборни резултати, со доза на „шоумен“ сценарио и влез во политика на лица кои за истата понекогаш чуле само на телевизија.
Истовремено, знаејќи ја макотрпноста на преговарачкиот процес, отворањето и затворањето на секое од поглавјата и должината на ваквото преговарање, зачинето со француско, па сега и бугарско вето, не е изненадувачки тоа што поддршката за ЕУ интеграција на Западниот Балкан ќе почне да опаѓа. Без сомнеж, евроскептицизмот и неговиот забрзан раст ќе се јават како природен процес на упорното одолговлекување и спуштените рампи за земјите од регионот кон Брисел.
Ако идејата на Унијата е обединета Европа и соединување на европските држави, третата декада од овој век, го актуализира прашањето колку сегашните земји членки и нивните лидерства, навистина ги засноваат своите политики и одлуки врз овој постулат. Одговорот се наметнува сам, а на македонските граѓани им преостанува единствено надежта дека во Европската Унија, сепак, се уште останало нешто европско.
Иван Дургутов