ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ПОЛИТИКА

Мас, Силва и Логар: Проширувањето на ЕУ, стратешки и заеднички интерес

June 26, 2021 09:20
in ДЕНЕС, ПОЛИТИКА
Share on FacebookShare on Twitter

Напорна работа во престојниот период со цел брзо надминување на моменталната блокада, откако Северна Македонија и Албанија не добија зелено светло за почеток на преговорите на јунскиот самит на Европската Унија, ветија министрите за надворешни работи на Германија, Португалија и Словенија, Хајко Мас, Аугусто Сантос Силва и Анже Логар.

Шефовите на дипломатиите на трите земји излегоа со заедничка изјава, во која го потенцираат значењето на продолжувањето на процесот на проширување, како стратешка цел на Унијата.

Тие велат дека моменталната блокада го поткопува кредибилитетот на ЕУ и е во спротивност со стратешкиот интерес на Унијата за стабилност на Западен Балкан.

– Крајно сме загрижени што сè уште не успеавме да започнеме пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, и покрај фактот што Советот донесе одлука за тоа уште во март 2020 година. Двете земји спроведоа низа реформи, а Северна Македонија инвестираше голем политички капитал во проширувањето и дури и го промени своето име. Крајно време е, ЕУ да си ги одржи своите ветувања. Германското и португалското претседателство напорно работеа на изнаоѓање на компромис, кој ќе овозможи да се оди понатаму, а словенечкото претседателство ќе ги продолжи овие напори и ќе се надоврзе на досега постигнатото. Веруваме дека билатералните прашања не треба да се пречка за напредок, кој е од толку суштинско значење како за ЕУ, така и за Западен Балкан, велат во заедничката изјава Мас, Силва и Логар.

Тројцата шефови на дипломатиите додаваат дека токму процесот на проширување и перспективата на членството во ЕУ ја нудат најдобрата можна рамка за надминување на различните гледишта кои постојат кај сите партнери од Западен Балкан.

Во продолжение следува целосната заедничка изјава на министрите за надворешни работи на Германија, Португалија и Словенија, Хајко Мас, Аугусто Сантос Силва и Анже Логар:

ЕУ и натаму е најдобрата гаранција за мирот, демократијата и просперитетот на нашиот континент. Во текот на речиси 70 години таа ни помогна да ги надминеме нашите разлики и да се зголеми единството на нашиот континент. Меѓутоа, ние не смееме овие постигнувања да ги земаме здраво за готово. ЕУ мора да продолжи да одговара на предизвиците на нашето време со цел да се движиме напред по патеката што води кон подобра иднина.

Проширувањето на ЕУ е еден од оние елементи кои ќе ја изградат оваа иднина, врз основа на цврста определба и заедничка визија. Водено од вредностите на Унијата и подложено на јасни услови, проширувањето се докажа како една од најуспешните алатки за промовирање на мирот и стабилноста, како и на политичките, економските и социјалните реформи. Политиката на проширување беше, исто така, од суштинско значење за зајакнување на присуството на ЕУ на глобалната сцена, со што ја осигурува нашата колективна безбедност. Токму затоа ние мора да продолжиме по овој пат.

По успешното проширување на југ и на исток, ЕУ е во процес на интегрирање на Западен Балкан, лоциран во самото срце на нашиот континент. На овој регион првпат му беше понудена можноста за членство во ЕУ на Европскиот совет одржан во Феира во јуни 2000 година, со Португалија како претседавач со Советот на ЕУ, кога шефовите на држави и влади препознаа дека земјите од Западен Балкан кои учествуваат во Процесот за стабилизација и асоцијација се потенцијални кандидати за членство во ЕУ. Оттогаш овој принцип, вграден во „Солунската агенда за Западен Балкан“ и потврден во Софија во 2018 и во Загреб во 2020 година, остана меѓник на политиката на ЕУ кон овој регион.

Сега се водат пристапни разговори со Црна Гора и Србија. Во март 2020 година Советот се согласи да отпочнат пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. Советот одобри и нова методологија за проширување која ќе му вдахне нов живот на пристапниот процес, со тоа што ќе го направи попредвидлив и подложен на посилно политичко управување.

Според оваа подобрена методологија ја одржавме првата политичка Меѓувладина конференција со Црна Гора и со Србија, во текот на претседавањето на Португалија со Советот. Нашата цел е во текот на пристапниот процес да ги фокусираме двете земји врз владеењето на првото, основните права, функционирањето на демократските институции и реформите на јавната администрација, како и врз економските критериуми. Кратко кажано: врз подобри животни услови за населението и поголема отпорност на влијанието на трети земји.

Крајно сме загрижени што сè уште не успеавме да започнеме пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, и покрај фактот што Советот донесе одлука за тоа уште во март 2020 година. Двете земји спроведоа низа на реформи, а Северна Македонија инвестираше голем политички капитал во проширувањето и дури и го промени своето име. Крајно време е, ЕУ да си ги одржи своите ветувања. Германското и португалското претседателство напорно работеа на изнаоѓање на компромис, кој ќе овозможи да се оди понатаму, а словенечкото претседателство ќе ги продолжи овие напори и ќе се надоврзе на досега постигнатото. Веруваме дека билатералните прашања не треба да се пречка за напредок, кој е од толку суштинско значење како за ЕУ, така и за Западен Балкан.

Токму процесот на проширување и перспективата на членството во ЕУ ја нудат најдобрата можна рамка за надминување на различните гледишта кои постојат кај сите партнери од Западен Балкан. Од тие причини и понатаму ќе продолжиме да работиме напорно и ќе бараме брзо надминување на моменталната блокада што го поткопува кредибилитетот на ЕУ и е во спротивност со нашиот стратешки интерес за стабилност на Западен Балкан, со цел да постигнеме понатамошен значаен исчекор на патот кон трајна стабилност и најбрз можен развој на Западен Балкан.

Во исто време, властите и сите политички партии во Северна Македонија и во Албанија треба да ги продолжат реформите и да ги одржат нивните напори за зајакнување на демократијата, борбата против корупцијата, и да го зајакнат владеењето на правото, добрососедските односи и регионалната соработка, едновремено со подобрување на климата за медиумска слобода и граѓанско општество.

Свесни сме дека процесот на проширување е особено сложен и напорен. Патот на Португалија и на Словенија кон ЕУ го сведочи тоа. Но, чекорите што се бараат за исполнување на критериумите за членство во ЕУ имаат за цел да ги подобрат административните капацитети и социјалните услови на кандидатите и се, пред сè насочени во корист на нивните сопствени граѓани. Со други зборови, проширувањето не е насочено само кон тоа да резултира во посилна Унија, туку во подемократски, правични и транспарентни институции, во повеќе можности и подобри услови за живот на луѓето.

ЕУ е првиот трговски партнер на Западниот Балкан. Компаниите од ЕУ се далеку најголемите инвеститори во регионот. Но, односите на ЕУ со Западен Балкан опфаќаат многу повеќе нешта, покрај трговијата. ЕУ обезбедува финансиска и техничка поддршка за зајакнување на функционирањето на демократските институции и за подобрување на поврзаноста во регионот и ќе продолжи тоа да го прави во рамките на Инструментот за претпристапна помош. Патувањето во ЕУ е, исто така, олеснето за повеќето граѓани на Западен Балкан. Косово останува единствената земја во регионот без визна либерализација и ние сме посветени да го придвижиме овој процес. Покрај тоа, граѓани и компании од регионот веќе учествуваат во програмите на ЕУ како што е Еразмус+, кој ја поддржува студентската размена, или програмата за подобрување на конкурентноста на малите и средни претпријатија (КОСМЕ), да споменеме две како пример.

На крајот, ЕУ е и простор за солидарност. Од почетокот на пандемијата на КОВИД 19, ЕУ одговори на повикот на СЗО за акција и помогна да се соберат речиси 16 милијарди евра. Секое трето евро или долар потрошени за глобалната програма за пристап до вакцини, КОВАКС, со која се обезбедуваат вакцини за земјите со ниски или средни приходи, доаѓа од ЕУ и од нејзините земји членки. ЕУ има инвестирано околу 3 милијарди евра за авансно финансирање на производството на вакцини преку своите Договори за авансна набавка склучени со фармацевтските компании, од што ќе имаат корист граѓаните од целиот свет, вклучително и тие на Западен Балкан. Првите дози веќе се предадени, уште допрва ќе доаѓаат. Покрај тоа, ЕУ го поддржува регионот уште од самиот почеток на кризата со мобилизирање на значителен пакет од 3,3 милијарди евра за справување со непосредната здравствена криза и за ублажување на нејзините социо-економски ефекти, како и инвестициски пакет во износ од 9 милијарди евра за среднорочното заздравување и развој на регионот.

При соочувањето со пандемијата и земјите на Западен Балкан исто така покажаа значителна меѓусебна солидарност. Подобрувањето на регионалната соработка и натаму е клучен фактор за покренување на целиот економски потенцијал на регионот и за промовирање на добрососедски односи и помирување. Се надеваме дека земјите на Западниот Балкан на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули ќе преземат амбициозни чекори кон реализација на нивниот историски проект за Заеднички регионален пазар, кој ќе ги донесе четирите слободи во регионот.

ЕУ, како Унија на различни земји членки, секоја од нив со свои сопствени традиции и историја, нема да може да успее, доколку не се придржува кон своите заеднички вредности. Земете ги нашите три земји – Германија, Португалија и Словенија, тековното „Претседавачко трио“ на ЕУ. Ние имаме различни истории и искуства. Но, ние веруваме во она што Жан Моне, основач на ЕУ, го рекол: „Направете луѓето заедно да работат, покажете им дека над нивните разлики и географски граници, лежи заеднички интерес“. Тој заеднички интерес е мирна, силна и просперитетна Европа, способна да ги брани своите интереси и вредности во сè поконкурентниот свет. За да се постигне тоа, земјите од Западен Балкан мора да станат дел од Европската Унија.

извор: МИА
Next Post

Зголемена фреквенција на ГП Богородица и Табановце, се чека половина час

Shortcut

Најново

Канцони, вино и зајдисонце: Незаборавна летна вечер со Павле Камилоски и винаријата „Душа“ во „Инекс Олгица“

July 2, 2026

Дуња Иванова, постави нов репер во македонскиот велосипедизам: 33. место на најновата светска ранг-листа

June 30, 2026

Европа ги брои милијардите за Црна Гора, а ние изгубените години

June 30, 2026

Мицкоски бара внимание

June 30, 2026

Филипче: СДСМ ќе го блокира Изборниот законик затоа што отвора врата за изборна кражба

June 29, 2026

НАЈЧИТАНО

  • Европа ги брои милијардите за Црна Гора, а ние изгубените години

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Претседателска катарза

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Мицкоски бара внимание

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Спин по мерка на власта – aвтомобили горат, јавноста на скијање

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • СДСМ: Мицкоски веќе создава „ЗНАМ 2.0“ додека актуелната партија прави политички театар со каравани

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk