Судскиот процес за струшката депонија денес, наместо во судница се одржа на лице место. Судии, адвокати, тужители и вештаци вршеа увид на дивата депонија, која е во самиот град на само 500 метри до куќите.
Се изврши идентификација на парцелата каде лежи дивата депонија во Струга и големината на натрупаниот отпад, кој изнесува десетина метри под и дваесетина метри над земја. Тужителите повикаа на итна дислокција на дивата депонија, бидејќи вештачењата, кои беа направени од страна на тужителите, односно Македонското здружение на млади правници потврдија дека таа го загрозува здравјето на луѓето, ги загадува водите и плодната почва.
„Ова чудовиште кое што се наоѓа во непосредно близина на градот Струга треба да биде дислоцирано, а поентата на денешното рочиште за увид на лице место е да го увериме судот, странките и јавноста во постапката“, вели Григор Ќатоски адвокат на тужителите.
„Очекуваме судот со денешниот увид на лице место да ги утврди сите факти кои понатаму би воделе кон донесување на пресуда за ефикасно решавање на овој конкретен проблем со дивата депонија во Струга, а нашата цел е преку овој конкретен случај да постигнеме ефикасно управување со отпадот низ цела држава“, вели Бојан Трпески тужители Македонското здружение на млади правници.
Адвокатот на општината, која е една од тужените страни во судскиот процес заедно со министерството за животна средина, вели дека проблемот треба да го реши владата бидејќи законот налага изградба на регионални депонии.
„Државата донесе прописи со кои овој проблем ќе го решава регионално, ќе се градат регионални депонии, што значи ние не можеме да постапиме поинаку мораме да го чекаме решението од државата“, вели Драган Коровешоски адвокат на општината
На годишно ниво во Струга се произведуваат околу 40 000 тони смет, кој со години се трупа на дивата депонија во самиот град. Изминативе неколку одини депонијата се одржува, пред три години имаше постојано спалување, пожари и чадови кои ги гушеа стружани.
Соња Рилковска