Матео Салвини, еве сме да ти се придружиме. ВМРО-ДПМНЕ чекор по чекор се престројува кон патеките на европската популистичка и крајна десница, а изгледа дека членството, а и неутралната јавност, тоа како да не го забележува – пишува Љупчо Поповски во анализата објавена во Дојче Веле.
Ова е исклучително важно за иднината на опозициската партија, која од демохристијанска се трансформира во патриотско-популистичка. Затоа, нема ништо полегитимно јавноста да разбере што се случува во килимосаните одаи во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ пред локалните, а и другите избори што ќе доаѓаат понатаму. Можете малку да заборавите на секојдневните политички пораки, осуди и самофалби, да не се ни обидувате да се сеќавате на деновите кога Христијан Мицкоски клечеше на бините во градовите, обидувајќи се да ја претстави наводната храброст на жртвата. Погледнете што би можело да се случува во иднината.
Се чини дека најважниот резултат од неодамнешната посета на тричлената делегација на ВМРО-ДПМНЕ во Брисел на собирот на Европската народна партија беше средбата со европратеникот Марко Кампоменоси од партијата Лига на Матео Салвини, шампионот на крајнодесничарскиот популизам не само во Италија, туку и во Европа. Секако, средбата со Дејвид Мекалистер (член на ЕПП од ЦДУ, Германија), кој е претседавач со Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент беше важна за да се претстават македонските позиции околу почетокот на преговорите со ЕУ, но за трансформацијата на идеологијата разговорите со Кампаменоси можеби биле поважни.
Еве ја целата изјава на Христијан Мицкоски дадена за телевизијата Алфа, која имаше новинар во Брисел да ја следи вмровската посета:
„Имавме средба со господинот Кампоменоси. Тој доаѓа од партија Лига, која не е дел од ЕПП, но ние како ВМРО-ДПМНЕ имаме стратешка определба да воспоставиме една плодна и посериозна комуникација со Лига на Салвини, бидејќи очекуваме дека сигурно ќе ги добие следните избори и Салвини ќе биде премиер, иако сега се дел од владата на Италија.
Разговаравме за продлабочување на соработката, коментиравме одредени идеолошки правци и насоки. Го поканив него или господинот Салвини (или некои други официјални лица од неговата партија) да бидат дел од предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори. Од тоа што разбравме, ќе сторат сѐ тоа да се случи, но ќе биде потешко поради тоа што во тој период има локални избори во Италија. Но во секој случај, ВМРО-ДПМНЕ воспоставува сериозна комуникација со Лига на Салвини“.
Целиот текст ТУКА.