Авионот на Романското воено воздухопловство во два налети дејствуваше на пожарот во Општина Прилеп кај селата Топлица, Ракле и Никодин, што е делумно локализиран, но на одредени места се уште има чадење. На терен се екипи на Армијата и ШС Црн Бор од Прилеп, информира помошникот раководител на Центарот за управување со кризи Марија Милкова на попладневната прес-конференција во ЦУК. Како што посочи, до 16:00 часот се уште активни се осум пожари, а останатите се делумно локализирани.
Владата на Република Северна Македонија денеска преку видеоконференциска интернет врска ја одржа 98-та седница на која беше донесена одлука за ослободување од плаќање на надоместок за услуги за прелети и за терминални услуги во воздушниот простор на Република Северна Македонија на летовите на воените и полициските воздухоплови на Србија, Црна Гора и Романија.
Првиот вицепремиер во Владата Артан Груби денеска изјави дека тендерот за организација на настаните поврзани со одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот рамовен договор бил транспарентен и дека на крајот ќе се види колку тие навистина ќе чинат, потенцирајќи дека трошокот „нема да биде поголем од придобивката што ја имаме од Охридскиот рамковен договор“.
Растечкиот број случаи на новозаразени од ковид вирусот повикуваат на одговорност и разум од секој поединец, од целото општество, истакна Емилија Рамбабова, пратеничка на СДСМ. Исклучително е важно што повеќе граѓани да се вакцинираат во овој период и да не наседнуваат на лажни информации. Додаде дека Мицкоски треба да повикува на вакцинација, а не да ја поткопува.
Германската биотехнолошка компанија „БиоНТек“ денеска соопшти дека нејзините приходи се удвоиле во вториот квартал благодарение на продажбата на вакцината против Ковид -19, предвидувајќи дека ќе достигне 15,9 милијарди евра за целата година.
М. Миткоска