пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Како уредник, неретко јас ја имам задачата да ставам дел од насловите на медиумските содржини што се објавуваат. Така и денеска, откако ги проследив првите излагања на Конференцијата „По Охрид“ по повод 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, во еден од насловите го употребив зборот спектакуларен. Обично тој збор се користи за поинаков тип на настани, но овој пат се работи за еден навистина спектакуларен настан по сите критериуми.
Од дизајнот на настанот, до учеството на личности од навистина „тешка категорија“, одбележувањето ќе остане запаметено и како меѓународен настан, а не само национален. И треба. Пораките, пак, што беа изречени од говорницата, овој политички спектакл во најпозитивна смисла на зборот, уште еднаш ме уверуваат дека нашата земја е на добар пат.
УШТЕ ЕДНА ПОТВРДА, СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е СВЕТОЛ ПРИМЕР ВО СВЕТОТ
Уште еднаш, од устата на големи меѓународни имиња, слушнавме за сите постигнувања на нашата земја, почнувајќи од Охридскиот рамковен договор, сè до Преспа, НАТО и извонредниот успех на политичките лидери да изградат демократска држава во која се негува мултикултурализмот, слободата и еднаквоста.
Една личност како Лорд Робертсон, говорницата ја искористи, не само да ги опише и одбележи предизвиците и успесите на нашата земја, туку и да упати драматично силен и директен повик до Бугарија да запре со блокадите на нашата земја.
Повеќе пати, од говорницата се слушна признанието дека нашата земја, со Охридскиот и со Преспанскиот договор, а секако и со политиката на добрососедство и почитување на различностите, служи како пример во светски размери.
ОД ДРУГАТА СТРАНА: ВО ДЛАБОКИОТ МРАЧЕН ПОДРУМ
Оние што сакаат да останат во добро расположение и само со позитивните впечатоци од овој меѓународен настан, можат да престанат со читање, бидејќи во наредните редови, од светлата страна на македонската реалност која денеска ја видовме, ќе фрлам поглед во длабокиот, мрачен подрум кој, за жал, е грдиот дел од македонскиот политички мозаик.
ВМРО-ДПМНЕ и останатите кои, иако поканети, не се појавија на одбележувањето на 20 години од потпишување на Охридскиот рамковен договор, само уште еднаш ги потврдува веќе познатите факти: Партијата на лажните патриоти беше, е и остана во длабока самоизолација. За жал, некои од нивните политички сојузници и/или истомисленици, лекомислено паѓаат во стапицата што најголемата опозициска партија самата си ја постави.
ДОСЛЕДНИ НА МРАЧНОТО МИНАТО НА ПАРТИЈАТА
Со ниту една постапка во изминатите четири години, ВМРО-ДПМНЕ не покажа дека се срами, покајува или дека го отфрла мрачното режимско минато додека беше на власт од 2006 до 2016 година. Со ова однесување, раководството на партијата уште еднаш јасно покажува дека стои, на политички, а секако и на многу други начини поврзано со правно-безбедносните прашања, зад Крвавиот четврток (27 април 2017).
Сите мрачни моменти во текот на 11 годишното владеење, секој ден сè посилно зрачат од гарнитурата која го наследи Груевски и сега ја води партијата. Сите тие беа и останаа доследни на мрачното партиско минато.
Затворањето медиуми и новинари… Политичка, медиумска и судско-полициска одмазда против цели семејства и поединци кои им се спротивставиле (ендекот на Протуѓер најубаво го отсликува тоа)… Изборни кражби во индустриски размери… Заробување на државата… Структурно насилство… ВМРО-МВРО… Пишчејне-вришчејне… Диво Насеље… Мартин Нешковски… Тамара… Парцели… Прислушување на илјадници луѓе, политичари, новинари, бизнисмени, интелектуалци и меѓусебно шпионирање… Тепање студенти… Крадење, неизмерно крадење на народот, сосе членарините од членовите на партијата… (списокот нема крај)
ПОРАКАТА НА МИЦКОСКИ И НЕГОВАТА КАМАРИЛА
Не се откажуваат од намерата и понатаму да го блокираат мирот и прогресот на македонската држава. Не се откажуваат да направат сè за да ја поделат земјата и да го одржуваат огнот на етничката нетрпеливост и омраза. Ќе продолжат да ги блокираат евроатлантските интеграции. Не можат да ја замислат земјата успешна, туку единствено можат да ја видат како заробена, поделена, опустошена и изолирана. Затоа што во мракот и беззаконието се чувствуваат најдобро, најудобно и најмногу можат да профитираат.
Ете, таа порака ја испорача Мицкоски и неговата камарила, заедно со тие што го следат неговиот неславен пример. Веројатно, некои од нив не се ни свесни за пораката што ја испраќаат, барем се надевам. Отворен сум кон сугестии, би сакал некој да ме разубеди.
ЛОШИТЕ ПРИМЕРИ
Со крајна ароганција се оглушија и од поканата на Претседателот Пендаровски за единство во прославата на големиот Илинден (според Мицкоски – Велигден). Претходно, да спомнеме ли, одбија широка коалиција за национален спас во најтешките ковид-денови.
Сите договори ги прогласија за „тоалетна хартија“ (Милошоски). Постојано блокираат и мразат. Не најдоа доблест да помогнат во ниту еден момент за време на епидемијата од Ковид-19 (кафана, теретана, блокади). И пожарите ги злоупотребија за евтин политички профит. Не кажаа ни едно фала затоа што парламентарното мнозинство им го прифати инфантилниот памфлет, Резолуција за црвените линии кои постојат секако и без нив (сè уште сум убеден дека е грешка што им го прифатија овој документ на овие остатоци крај шините).
Ги блокираат реформите во правосудството, изборниот систем, законите за унапредување на правата и слободите. Ги блокираа дури и економските пакети за санирање на последиците од Ковид-19.
Кога ќе размисли човек, не се ни достојни за покана за одбележувањата на светлите датуми на македонската државност. Штета за оние што можеби имаат шанса под македонското политичко небо, но следат лоши примери.
ПС. Им честитам на сите што беа и се дел од овој историски процес кој трае. Им посакувам добро здравје до следната годишнина (и по неа) од Охридскиот рамковен договор и другите поводи кои Северна Македонија ја прават модерна, мултикултурна и просперитетна земја (Преспа, НАТО, ЕУ…). На ред е прославата на нашата Независност, на 8 септември.