Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, на вчерашната прес-конференција изнесе невистина дека градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов одмора во хотелот „Монте Мулини“, хотел во Ровињ, Хрватска, каде за 6 ноќи за двајца требало да се плати 12.300 евра.
„15 дена не може да се изгаснат пожари на 5 километри од Скопје. Ама Шилегов одмора, никаде го нема. 15 дена го нема. Изгоре Македонија, тој е во Ровињ“ – рече Стоилковски.
ЦИВИЛ МЕДИА стапи во контакт со администрацијата на Град Скопје, од каде што изјавија дека немаат намера да коментираат банални лаги и да им даваат значење на очајните обиди на Стоилковски да привлече внимание. Последниве неколку дена градоначалникот Шилегов е интензивно вклучен и во координацијата за гаснењето на пожарите и во други важни активности за градот, велат од Градот.
Дека се работи за лажна вест, доказ се фотографиите од одбележувањето на 20 години од Рамковниот договор, на кои се гледа дека е присутен и градоначалникот на Скопје, Шилегов.
Инаку, вчера Шилегов на официјалната Фејсбук страница од својата канцеларија објави поддршка на кампањата за подигнување на јавната свест за елиминација на насилството врз жените во политиката, под слоганот „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политиката“.
Лажното обвинување на Стоилковски го објавија и неколку портали, без да ја слушнат „другата страна“ и да го проверат лажното тврдење со прашање до градоначалникот Шилегов и градската администрација.
извор: ЦИВИЛ МЕДИА