Премиерот Зоран Заев денеска, по новинарско прашање од ТВ21 околу тоа дали бегалци од Авганистан ќе бидат сместени во Северна Македонија и дали има некое барање од сојузниците на нашата земја, истакна дека тие како Влада ја информирале САД дека стојат на располагање да помогнат.
„Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан.
Подготвени сме да обезбедиме сместување во хотели и одморалишта за што оперативата и трошоците за време на нивниот престој, до обезбедување трајна дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД.
Ние сме солидарна земја, нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи“, посочи Заев.
Во Авганистан во овој момент имаме и стотина македонски граѓани со кои е воспоставена комуникација, како што вчера пренесе Фронтлајн. Пријателски земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Северна Македонија, објави ТВ21.