ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home МАГАЗИН СЦЕНА

Илија Талев: 25 години од првиот концерт на Фолтин

August 19, 2021 19:16
in ZOOM IN, ДЕНЕС, КУЛТУРА, СЦЕНА
Фолтин. (фото: Кокан Палашев)

Фолтин. (фото: Кокан Палашев)

Share on FacebookShare on Twitter

Прв пат ги гледав ФОЛТИН во живо во 1995 година, каде беа како составен дел од некоја уметничка изложба, настапувајќи пред џамијата кај саатот (во тоа време изложбен салон). Уметникот и содржината на изложбата се исчезнати од мојата меморија. Единствено нешто на што се сеќавам е коментарот на една повозрасна жена што се однесуваше на самата изложба и гласи вака: „Да ти кажам право, мене изложбата ми остави голем впечаток, јас ваков впечаток немам видено!“.

Да Ви кажам право, мене најголем впечаток ми оставија Фолтин. Иако, звучеа како уште една група која негува етно музика, која во тој момент беше тренд и го негуваа многу други групи (Анастасија, малку покасно Синтезис, Тадич-Стефановски, Лазарова-Џајковски…), така да, искрено кажано, уште една таква група на македонската музичка сцена, на никој не му беше потребна. За жал или за среќа нема никаков музички запис од тој период. Иако, рака на срце, таа постава и тој настап, никогаш не ги прежалив.

Во тој период бев доста ангажиран со својот проект Xavier Acid (музички и концертно), каде важевме за своевидна концертна атракција и Фолтин некако ги изгубив од својот фокус на внимание. Кога престанавме со работа, се воспостави дека приматот на концертна атракција му припадна на Фолтин. Тоа што е интересно кога станува збор за нивните концерти е тоа што никогаш не биле на некаква листа на чекање за да станат миленици на публиката. Во време кога се појавуваат на музичката сцена, се толку многу уникатни и единствени што секој еден од нас го влечат за уво и го носат пред бина, за лично да се увери во истото. Истото се случува и со мене и кога во една прилика наменски отидов да ги гледам во Прилеп настапувајќи со некаков сценски музички перформанс, видов и зошто го приграбиле приматот. Од тогаш, па до ден денес никогаш и не престанаа да бидат тоа: „Сценска концертна атракција!“. Без разлика дали свират самостоен концерт, во контекст на некоја театарска претстава, музички перформанс, обична тезга во некој кафе-бар или од атер за матура или роденден на некој свој, близок. Иако, мислам дека уживаат во тие моменти на слава, не значи и дека лесно се справуваат со неа, поточно, дека знаат како да го сторат истото. Мислам дека се осеќаат најкомотно кога се некаков фаворит во сенка.

Со текот на годините ни се испреплетуваа патиштата на овој или оној начин, сакале или не сакале (та, нели сме мал град) за да во даден момент, „ничим изазван“ (што би рекле србите), се најдов во улогата на графички дизајнер, за потребите на нивниот тогаш нов албум „Пијан славеј“, работејќи по скици и упатства на Миро Масин. Малку покасно го работам моето прво и единствено интервју во улога на новинар, за потребите на „Магента“ магазинот, токму со Фолтин. А, исто така, со дел од членовите на групата пред некоја година, правевме проби за потребите на концертно претставување на мојот нов музички проект, Музак (кое за жал, никогаш не се случи).

Нивните изданија стигнаа до бројот 10. Чисто за споредба, едни ЕКВ, кои сите Вие ги обожувате до немилост, имаат „само“ 7 изданија. Интересно е дека сите нивни изданија имаат различен издавач, ама баш сите. Тоа многу зборува за нив и за музиката што ја создаваат.

Фото: Ненад Георгиевски

Музички се препознатливи до граница на болка, но тоа не значи дека се предвидливи. Стилски, исто така, но тоа не значи дека се очигледни. Тоа се некои нивни карактеристики што вешто ги изведуваат и доста умешно и успешно се дистанцираат од таканаречениот „мејнстрим“. Постојано на граница на комерцијала, никогаш комерцијални, постојано на граница на вкус, никогаш на невкус. Сакаат да се постојани, но никогаш исти. Секогаш различни. И токму во тоа лежи нивната магија.

Никогаш не биле класичен „copy-paste“ бенд. Под тоа подразбирам, дека никогаш не се повторуваат и не се копираат себеси. Дури и во моменти на нивна најголема слава (ако воопшто постои таков поим за нив) не се дрзнале некоја нивна медиумски (релативно) успешна песна да ја ископираат до немилост и да направат уште десет такви. Кај нив е токму спротивниот случај, што повеќе ги има на радио, толку повеќе се затвораат во себе. Доказ за тоа е и нивното последно издание „Симултан бакнеж“ издадено неодамна на 1.7.2021 година, кое иако на прво слушање изгледа како едно суптилно издание полно со емпатија, на крајот сепак имате впечаток дека нешто ви ги стега градите и не ви дозволува воздишка. Звучи како една пресликана реалност пропратена со музичка позадина.

А, кога станува збор за нивната музичка позадина, би навел неколку важни карактеристики.

Како што веќе напоменав на самиот нивен почеток по некоја денешна формулација звучеа како „world music“ група. На нивното прво официјално издание се ориентираат кон медитеранскиот (при)звук и иако се наѕира нешто „нивно“, сеуште се музички недифинирани. Но со нивните следни изданија веќе го додаваат „своето јас“ во нивната музика.

Во тој период би ги нарекол дека се кабаретска група, тие би додале дека се псевдо-емигрантско кабаретска група, иако нивната статичност на сцена постојано ме премислува околу поимот „кабаре“.

Фото: Филип Перески

Создаваат новитети во време кога нема што повеќе да се измисли во музиката, тука пред се мислам на нивниот измислен јазик, таканаречен „спонтан есперанто“ (имагинарна смеса или фонетска имитација на светските јазици). Вешто се апдејтираат врз постоечки теми додавајќи дел од својата оригиналност, како на пример: Едит Пјаф, Везилка, Милице, Дејвид Боуви трибјутот и така натаму. А, тоа што приватно (секој еден од нив) постојано сакаат да „додаваат“ во нивните приказни, музички го прават вешто, исто така. На секое нивно ново издание дозираат онолку колку што е потребно, односно, онолку колку што сме спремни да прифатиме во тој момент, секогаш оставајќи простор за потенцијално изненадување, без разлика во која форма доаѓа и на кое поле.

Фолтин со секој нов звук лесно влегуваат во уво, но излегуваат од таму само кога тие ќе посакаат, не по сопствена желба. Тоа е таа магија, или пак, можеби најточниот поим е „зависност“. А нивната зависност е постојано трагање по нов звук или константно „сценско“ маневрирање (без разлика каде се наоѓа и која е нејзината функција). Можеби, доколку го замениме поимот „кабаретска“, со поимот „сценско-театарска“ е поадекватен приказ, каде не случајно се автори на неброена театарска и филмска музика (околу 40-тина, ако не се лажам). Што се однесува до тој момент, најповеќе ми е криво тоа што во цела таа еуфорија околу „Медена земја“, Атиџе, оскарите и така натаму, Фолтин некако беа втурнати на страна и не го добија потребното и заслужено внимание.

Има една работа што мене најмногу ме „диви“ (збор кој е составен дел од мојот вокабулар, за работи на кои се воодушевувам) во целата оваа Фолтин приказна. Тоа е дека се автори на најдобрата диско песна на овие простори. Станува збор за темата „Дионис“ (наменски работена за истоимениот документарен филм). Тоа е песната која отсекогаш сум сакал да ја напишам, ама не сум знаел како. Тука и таму, читав некои зајадливи коментари, од разни пребирџии, по социјалните мрежи: дека е Daft Punk за сиромашни, бла, бла, бла. Нив би им порачал: „Преслушајте ја уште еднаш!“. До кога? Се додека не сфатите дека сум во право!

Зајадливи коментари имаше и кога Фолтин се „кршеа“, за да дојдат до оваа форма во која настапуваат и денес (музички и формациски). Чаршијата знаеше да се пошегува и да ги нарекува: „Фолтин Народна“ или пак „Фолтин Вистинска“ (притоа алудирајќи на внатрешното преструктуирање на тогашни политички партии кои тоа го правеа во тој временски период).

Низ самата група поминале голем број на музичари, но дефинитивно оваа постава е најдолготрајна и најкохерентна (со секоја должна почит кон секој еден музичар кој продефилирал низ групата). Токму оваа постава претставува едно сврзувачко ткиво како формула за сигурен успех.

Тука е еден Пеце Трајковски (Брадата) кој се чини дека во прво време ни самиот не бил свестен каде доаѓа, за на крај да прерасне во врвен мултиинструменталист без кого не може да се замисли групата. Најмлад, но не и најнеискусен. Напротив, неговата младост и наивност во даден момент секогаш биле „ветар во грбот“, кога тоа било потребно.

Тука е можеби и најискусниот од сите нив, еден друг Пеце. Пеце Николовски (Џезерот). Досега не сум сретнал поупорен музичар од него. Погодувам, но можеби е главниот виновник за тоа што Фолтин звучат секогаш различно, но исто. Таа негова трпеливост за бесконечно експериментирање, без разлика како тоа ќе заврши и каде музички ќе ги однесе е негова заслуга (нека не ми замерат другите членови доколку не е така, само погодувам). А бојата на неговиот кларинет и начинот на свирење на истиот се веќе заштитен знак на групата (истото важи и за усната хармоника). Пробајте да замислете како би звучела една нивна песна без кларинетот на Пеце. Никако, нормално! Е, сега пробајте да го додадете на било која нивна песна каде што го нема. Спие!

Тоа е уште една умешност на Фолтинци, да отстрануваат работи на места каде што се повеќе од потребни, во име на некоја друга цел (овде не мислам само на музиката). Тоа е составен дел од магијата, за која зборував претходно.

Фото: Сашо Алушевски

Но, мора да имаш совршен партнер за таквото експериментирање. А, тој се вика Гоце Јованоски, басистот во групата. Според мене, костурот на групата. Човекот задолжен за сите технички работи, внатре во неа. Ненаметлив и на сцената и надвор од неа. Но, подеднакво големо уживање е да го имаш на сцената како уметник и надвор од неа како другар за на кафе, на пример. Моментално, најдобриот басист во државата! (ќе повторам, ова е мое видување, кое порано или покасно ќе се поклопи со Вашите вкусови, така да… подобро порано )

Односот бас-тапани, е клучната алка за безпрекорно делување на било која група, без разлика каква музика негува. Конечно, после долги години лутање и тој фактор е решен. Виновникот за тоа се вика Славчо Јовев (Славе). Тој и долги години претходно бил составен дел од самата група, но некако сите тие влијанија што ги носел однадвор свирејќи во разни други групи, некако влијаеле на самиот звук на групата, колку и да звучи тоа незаприметливо за едни или небитен фактор за други. Од моментот кога се реши дека ќе биде ултимативен тапанар на групата, истата доби на цврстина, смиреност и насоченост кон негување на препознатлив звук на самиот инструмент и на сите лични техники на делување на самиот тапанар само нему својствени. Мајстор на својот занает.

Маријан Станиќ е повремен тапанар (поточно перкусионист) и со оглед на тоа што живее во Љубљана, го спречува да биде поактивен во самото создавање на нивната музика, Мене отсекогаш ми било симпатично тоа што групата има два тапанари и ги користи и двајцата во даден момент.

Не случајно го оставив фронтменот на групата Бранислав Николов (Бране), за крај. Тој е ликот што македонската музичка сцена го чекала со години. Рок поет, во вистинска смисла на зборот. Тоа што е еден Зоран Предин (Лачни Франц) за Словенија, или еден Бора Џорџевич (Рибља Чорба) за Србија, или пак еден Џони Штулич (Азра) за Хрватска, токму тое е еден Бранислав Николов за Македонија. Во минатиот век тоа место му припаѓаше на Ристо Вртев и тој долго време беше на пиедесталот, но неговата наменска поезија само за одредена публика, не го задржа на него. Во новиот милениум тоа место му припаѓа на Бранислав Николов, без никаков компромис. Тоа што во последно време потајно го отстапува авторскиот дел на останатите членови на групата е уште една негова доблест, и тоа сѐ со цел да има повеќе простор за пишување на текстови (за што сведочат неколку збирки на поезија) и за кристализирање на неговиот вокал кој полека но сигурно станува се поприемчлив и за широките народни маси. Се чини дека се наѕира и соло проект под псевдонимот Пијан Славеј, но за тоа, потоа.

За крај би додал дека музичар може да биде секој и е минлива категорија. Но, за да бидеш човек е потребно повеќе знаење и умешност отколку да бидеш виртоуз на некој инструмент. А, членовите на групата се токму тоа: Луѓе! Тоа беа и пред да бидат во Фолтин.

Епа дечки, честита годишнина! Да Ви се множат!

Се гледаме на концерт!

Тоа е нешто што најмалку можеме да сториме за да Ви удостоиме за сите овие години на прекрасна музика што сте ја создавале за секој еден од нас!

Кој може да расипе еден ваков ден  🙂

Илија Талев

 

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Фото: СДА МАкедонија

СДА Македонија ја организираше меѓународната конференција „Сребреница – Совест на светот“

May 17, 2025
Војаџер 1. Фото:  Caltech/NASA-JPL

(ВИДЕО) НАСА успеа „да ги оживее“ резервните двигатели на „Војаџер 1“ по 21 година

May 17, 2025
Белград (Фото: Rade Dr. / Pixabay)

Најскапиот платен метар квадратен за стан во Србија чинел11.668 евра во Белград на вода

May 17, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

    Научив дека смолата може да ја исуши црешата ко вмро Македонија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Тетовец зел 25.000 евра пари со камата, му одзеле два стана во вредност од 150.000 евра

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Евровизија 2025: Сè е подготвено за вечерва во Базел! Кои се фаворити?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Руското влијание во Србија и Балканот: Геноцид, пропаганда, негирање и хегемонија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Кои се трите главни услови што Русите ги побарале за прекин на агресијата врз Украина

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk