Новиот Закон за потекло на имот денес ја добива својата прва нацрт-верзија, објави на Фејсбук, вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.
Тој нагласува дека за прв пат во нашата историја воведуваме правична и праведна контрола врз капиталот, отвораме пат за конфискација на нeлегално стекнат имот!
Предолго незаконски се имаат богатено огромен број луѓе со реални, вистински пари кои дошле од џебот на граѓаните, вели Николовски.
„По состанокот на кој ја дискутиравме првата нацрт-верзија на Законот за потекло на имот можам да кажам дека правиме огромен чекор напред кон правна и праведна држава во која ќе е гордост да се живее и делува!
Меѓу другото:
- се проширува временскиот опфат, Законот ќе важи за сегашни, но и минати функционери;
- се проширува увидот во потеклото на имотот и на граѓани кои не се носители на функција;
- прагот е јасен – секој што има разлика во имотот поголем од пријавените оданочени приходи, треба да докаже како истите ги заработил или имотот да се конфискува во граѓанска постапка;
- јасно се дефинирани институционалните задолженија и ингеренции од експертската работна група вклучена во подготовката на законскиот текст, составена од членови од Совет на Европа, антикорупциските институции, ОЈО за гонење организиран криминал и други“, истакна Николовски.





