По претставка од граѓани за можно одлагање на опасен отпад во ЈП Депонија Дрисла, Скопје, Државниот Инспекторат за животна средина изврши проверка на целосната документација за добивање А-Интегрирана Еколошка Дозвола, а во деновите 19 и 25 август изврши вонредни инспекциски надзори на лице место во ЈПДКО Дрисла Скопје, лоцирана во с.Батинци Општина Студеничани, при што е изготвен Записник за констатација со бр.ИП1 15-336, при што е констатирано дека правниот субјект врши редовно депонирање на комуналниот отпад кој се носи од општините на територијата на градот Скопје и останати општини, а приемот на истиот се врши согласно законската регулатива и условите во А Интегрираната Еколошка Дозвола.
Медицинскиот отпад редовно се прима од ЈЗУ и ПЗУ согласно договорите со здравствените установи и истиот се согорува во печка за согорување.
При инспекцискиот надзор се констатираше дека согласно А Интегрираната Еколошка Дозвола во Додаток 3 се наведени 22 шифри на опасен отпад за кои субјектот не поседува инсталација за третман и/или преработка на опасниот отпад, а исто така во дозволата не се опишани операциите, постапките, ракувањето и отстранувањето на опасниот отпад за овие шифри.
Поради претходно наведеното, донесено е решение со кое на правниот субјект му се забранува прием и третман на опасен отпад за шифрите од Додаток 3 од А Интегрираната Еколошка дозвола за кои не поседува соодветна инсталација, а исто така треба согласно решението да се раскинат сите договори склучени со правни лица за прием и третман на видовите опасен отпад со наведените шифри, за своето постапување да го извести Државниот Инспекторат за животна средина.