Претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ Александар Пандов, на својот Фејсбук профил објави фотографија на која може да се забележат најмалку 20 луѓе, сите без маски и збиени еден до друг, во затворена просторија, без да се почитуваат анти-ковид мерки и протоколи. Под фотографијата напиша: Комуњари ќе го јадете во Куманово!
На фотографијата, покрај Пандов и повеќе членови на ВМРО-ДПМНЕ е и кандидатот за градоначалник на Куманово, Тони Михајловски. Следуваат коментари за поддршка, потсмев но има и такви во кои се чита лутина. Во еден од коментарите се вели дека „тој истиот ги намести на 27 април и вистинските вмровци скапуваат, а ДПМНЕ се шират и сакаат ново крадење“.
Инаку, актерот Тони Михајловски е поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој пред неколку години на својот Фејсбук профил напиша дека би можел да го убие Тричковски без да му трепне око.
Во 2017 година, Здружението на новинари на Македонија остро ги осуди смртните закани против новинарот Бранко Тричковски што ги упати актерот Тони Михајловски. Тогаш од ЗНМ најавија дека до Јавното обвинителство ќе достават писмено барање за кривично гонење.
Кривичниот суд донесе пресуда против Тони Михајловски за јавните закани против новинарот Бранко Тричковски изнесени на социјалната мрежа Фејсбук во јуни 2017. Михајловски е казнет со три месеци условна казна затвор, ако во рок од 1 година не го повтори делото.
Д. Е.