На дело ја демонстрираме нашата солидарност и нашето топло добредојде на авганистанските граѓани. Министерот за надворешни работи Бујар Османи на Меѓународниот аеродром Скопје ја пречека првата група од 149 граѓани на Авганистан, за кои Република Северна Македонија изрази подготвеност да им биде привремено живеалиште и прибежиште.
ЦИВИЛ – Центар за слобода со соопштение им изрази целосна солидарност, сочувство и добредојде на граѓанките и граѓаните од Авганистан, вработени во граѓанскиот сектор, сојузничките мисии, медиумски и други организации и нивните семејства, кои пристигнаа во нашата земја.
АНБ, ги презема неопходните мерки и оперативни активности за организиран и безбеден прифат на цивилно население од Авганистан, како и за навремено превенирање и спречување од можни закани и ризици.
Првата жена што се симна од авионот била во 39-тата недела од бременоста и со возило на Итна медицинска помош е однесена на Гинеколошката клиника во Скопје. Раководителката на Итната медицинска помош Милица Бубало истакна дека според информациите, меѓу патниците имало уште четири трудници.
Според последните податоци од Министерството за здравство, во моментов се активни 14.077 случаи на заразени со Ковид-19. Од почетокот на пандемијата досега во земјава заболеа 175.624, а починаа 5.901 лица. Состојбата повторно станува аларматна, секојдневно се бележи голем број на хоспитализирани лица, а надлежните се повеќе апелираат за вакцинација.
Заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 722.578 граѓани. Прва доза вакцина во саботата и вчера примиле 9.240 граѓани, а вкупно се вакцинирале 18.292 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.253.612 дози вакцини, а ревакцинирани се 531.033 граѓани.
Во Северна Македонија, засега, трета доза вакцина против ковид-19 можат да примат само лицата кои се на дијализа и кои имаат трансплантиран орган.
Училиштата се подготвени за новата учебна година која започнува утре, а ќе се одвива со физичко присуство и под утврдени здравствени протоколи. Фокусот е ставен на квалитетна и безбедна настава.
За кандидатите кои се рангираат само според успехот во средното образование, денеска и утре е првиот рок од пријавувањето за упис на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.
Избувна шумски пожар на планината Галичица кој од вчера е активен на потег во рамки на националниот парк.
Инстаграм ќе почне да бара од корисниците да гo потврдат својот датум на раѓање, како дел од напорите да се создадат нови безбедносни одлики за младите луѓе, објави вчера компанијата Фејсбук
Од утре до 4 септември во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката во Скопје ќе се одржуваат Денови на германскиот филм.
Сите вработени во државните и приватните болници во Грција, кои не се вакцинирани, од утре ќе бидат на принуден неплатен одмор, со оглед на тоа дека истекува рокот на грчката Влада за задолжителната вакцинација на здравствените работници.
Вчера во Косово имаше дури 36 смртни случаи од ковид. Со новите мерки, ќе се одложи почетокот на учебната година на 13 септември, до кога ќе трае и режимот на полициски час, кој почнува денеска. Ќе биде забрането движењето меѓу 22 и 5 часот.
Во Албанија од утре ќе се воведе полициски час во времетраење од 23 часот до 6 часот, соопшти Техничката експертска комисија.
Ј. Ѓ.