Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ги дополни мерките за спречување на проширувањето на вирусот што ја предизвикува заразната болест КОВИД-19 со кои од 1 септември 2021 година домашните и странски државјани и за излез од територијата на Република Северна Македонија на граничните премини ќе мора да приложат: сертификат за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сертификат за имунизација или негативен резултат.
Горан Герасимовски ќе биде кандидат за градоначалник во Општина Центар, во Битола за ова место ќе се трка Христо Кондовски. Во Ѓорче Петров кандидат ќе биде досегашниот градоначалник Наумовски. Во Струмица кандидат за градоначалник ќе биде Костадин Костадинов, пратеник на СДСМ , кој ги знае состојбите во оваа општина, рече Николовски,кој рече дека кандидатите се сигурни победници, зашто така покажуваат партиските анкети и анализи.
Започна изградбата на новата станица за електрична енергија во Охрид, која е клучна компонента од првиот далновод интерконектор на електрична енергија помеѓу Албанија и Северна Македонија, кој ќе се протега од Битола, Северна Македонија до границата со Албанија. Од ЕБОР велат дека новиот далновод интерконектор ќе ја зајакне меѓуграничната размена на електрична енергија.
Тврдењата дека не постои протокол за лекување на пациентите заболени од Ковид-19 се неточни, истакна министерот за здравство Венко Филипче. Во нашата земја, во моментов околу 1.000 пациенти се на болничко лекување, а капацитетите се најоптоварени во Тетово и Гостивар, каде е и најмал бројот на имунизирано население.
Постои можност пожарот на Галичица да се спушти кон пониските делови на планината и да ја загрози високата шума од страната на Преспанското и Охридското езеро, информира Центарот за управување со кризи.
М. М.