И деновиве, кога се водат дискриминаторски кампањи, ја нема „бранителката“ на човековите права на жените и на маргинализираните. Молчи за перфидната антиабортус-кампања на Владата. Молчи и за хомофобичната кампања на МПЦ, како што молчеше кога се сечеа дрвјата на Илинденска
пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
Дневник / 12.01.2011
Што се добива кога ќе помешате зелено со портокалово? – Се добива „каки“ боја. Тоа го добивме од коалирањето на ДОМашните „зелени“ со „портокаловите“ преРОДбеници. Зелената идеја беше „укакана“ во пелените на портокаловите преродбеничиња.
На порталот на ДОМ ви посакуваат добредојде со три големи „вистини“. Првата е дека ДОМ е „првата зелена партија во Македонија“. Добро се сеќавам на првата партија на зелените во почетокот на 90-тите. Единствената партија во која сум членувал. Паметам кога лидерот на „зелените“ самоволно реши партијата да се самоукине и да се „претопи“ во Демократската партија. „Претопувањето“ беше демократски чин par excellence – без партиски конгрес. Подоцна лидерот на зелените се „претопи“ во министер на сиво-маслинестите.
Втората „вистина“ е дека ДОМ е посветена на „унапредувањето на човековите права и еднаквоста“. Претседателката ја води и собраниската комисија за еднакви можности на жените и на мажите, која е пандан за родова нееднаквост. Членови се саде жени. И покрај широките надлежности, комисијата лани одржала само две седници, на кои главна тема бил буџетот. Годинава ЕК упати сериозни забелешки за ниското учество на жените во политиката на локално ниво. Но, комисијата не расправаше за извештајот. Токму претседателката на комисијата беше соучесник во газењето на квотата за избор на членови на ДИК. Наместо да го почитува условот најмалку една третина од седумте члена да се жени, таа гласаше во ДИК да има само една жена. Ваквиот однос кон еднаквоста придонесе на последните локални избори во Македонија да не биде избрана ниту една градоначалничка.
Колку ДОМ била посветена на унапредување на човековите права во 2010? Доволни ли се декларацијата за унапредување на положбата и правата на Ромите, петицијата до УНЕСКО против дискриминацијата на македонскиот јазик и неколкуте трибини за мобингот? Не е ли тоа премалку, имајќи предвид дека основен стремеж на Зелените во Европарламентот е „изградбата на општество кое ги почитува фундаменталните човекови права и енвиронменталната правда“?
Интересно е да се анализира колку ДОМ ги споделува вредностите на коалицијата на Зелените. Уште во јануари 2007 две европратенички на Зелените забележаа дека десно-центристичката владејачка коалиција ги дискриминира малцинствата и дека националистичкиот пат води кон политичка нестабилност загрозувајќи го „напредувањето на Македонија кон членство во ЕУ“. Меѓутоа, наместо критичар на национализмот, ДОМ стана соучесник во националистичкото градење митови и поддржувач на проектот „Скопје 2014“.
Граѓаните маршираа за толеранција, а претседателката на ДОМ го злоупотребуваше маршот за собирање потписи за националистички мотивирана петиција. Здруженијата на граѓани се спротивставуваа на неевропскиот закон за антидискриминација, а претседателката на ДОМ се солидаризира со оние кои ја избришаа сексуалната ориентација и водеа хомофобична кампања во Собранието. Што вредат нејзините апели законот да не се користи за предизборен маркетинг? Чуму се жалеше што не била вклучена сексуалната ориентација, кога на крајот гласаше за дискриминаторскиот закон охрабрувајќи ги другите пратеници спокојно да гласаат за „солидната основа“?
И деновиве, кога се водат дискриминаторски кампањи, ја нема „бранителката“ на човековите права на жените и на маргинализираните. Молчи за перфидната антиабортус-кампања на Владата. Молчи и за хомофобичната кампања на МПЦ, како што молчеше кога се сечеа дрвјата на Илинденска. Третата „вистина“ на порталот на ДОМ е дека партијата била посветена на „заштита и одговорност за животната средина“. Навистина, ДОМ се залагаше во буџетот за 2011 година да се проектираат средства што ќе бидат наменети за развој на зелената економија. Но, каква врска со „зелената економија“ и одржливиот развој има поддршката на ДОМ на капиталниот антиеколошки проект „Скопје 2014“? Како ќе придонесат неколкуте стотици милиони евра вложени во споменици, восочни фигури и музеи за зголемување на зелените површини, за одржлив развој и за „зелена економија“?
Единственото значајно прашање што го постави ДОМ е: „Кој ни го краде Водно?“ Одговорот треба да го побара од нејзините коалициони партнери. Тие го оголија Водно во име на новата „еколошка“ жичница. Истите што се перчат садејќи на „Денот на дрвото“, дозволија нивни пратеници да градат во шумската зона. Да не почнаа случајно да ја остваруваат визијата на омилениот водител на „пастирот“ наречена „Водно хилс“? Да потсетам, уште есента 2006 година тој убедуваше дека „Водно не е ниту парк, ниту шума“ и дека треба да се урбанизира во големи парцели каде што богаташите ќе си градат хациенди.
Не е ли време за нова еколошка акција – чистење на лажните „зелени“ од контаминираната македонска политичка сцена?