пишува: БИЛЈАНА АРСОВСКА
Како се чувствувате на 8ми Септември?
Гордо?
Предадено?
Разочарано?
Исто како и секој друг ден?…
Дури го пишувам текстов од надвор слушам како некои таму свират песна во седум осмински такт. Се потсетувам на еден наслов кој гласи „Македонското срце чука во 7/8“. И ете ме, толку ми треба, во мене се будат топли емоции. Спомени, културни вредности врежани во мене, чувство на припадност, сплотеност.
Секојпат кога случувањата, настаните и животот сам по себе ќе ме оддалечат од ова топло чувство, културните артефакти се оние коишто ми послужуваат како транспортно средство за да се вратам таму каде што сум своја на своето – таму каде што сум родена, таму каде што припаѓам – во мојата татковина. Не во онаа држава во која по игра на судбината сум се родила и не во онаа држава за која сум му многу лута на штркот што баш во неа ме оставил. Не во државата која има ужасна политичка сфера. Не во државата од која сум кренала раце. Туку – во земјата за која луѓето – моите предци – храбро се бореле. Онаа непокорливата. Онаа осамостоената. Независната.
Како што вели Петре М. Андреевски во Пиреј:
Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.
„Само малку да се допре до земјата…“ Ех, колку пати ја допревме земјата…
Денес славиме 30 години независност на Македонија. И пак, прашувам кого стигнам – како се чувствуваш денес? Ако си горд – со што поточно се гордееш? Дали со тоа до каде стигнавме, дали со тоа на каков начин стигнавме до тука, или можеби во тебе владее национализам кој што ти си го помешал со патриотизам? Би требало како дел од основната едукација да биде тоа да научиме да ги разликуваме овие два поими. Патриотизмот е родољубивост, емоционална поврзаност со татковината и нацијата. А, национализмот е дефиниран како „политичка идеологија во чие средиште е сместена нацијата како врховно добро.“
Ервин Стауб пишувал за ‘слеп наспроти конструктивен патриотизам’ каде што слепиот патриотизам е “ригидна и нефлексибилна приврзаност за земјата, карактеризирана со непреиспитување на позитивното мислење за неа, железна ‘верност’, и неприфаќање на критика”. Сепак, овој модел предвидува и постоење на друга варијанта на патриотизмот – конструктивен патриотизам: “поврзаност со сопствената земја карактеризирана со ‘критичка лојалност’, константно преиспитување и критичност кон групните практики, мотивирано од желбата за позитивна промена”.
Со други зборови, татковината може да се сака и во исто време кон случувањата во неа да се пристапува критички, трезвено и непристрасно.
Така, кога некој ќе се пожали дека се чувствува предадено односно разочарано, го поставувам прашањето: А, што правиш ти да го промениш ова? Пред да ме помешате со политички обоена личност, дозволете да елаборирам; Што правиме кога се чувствуваме разочарано или предадено од личноста што ја сакаме, а сепак знаеме дека е добра и за неа вреди да се бориме? Комуницираме. Ги вадиме картите на маса. Ги вокализираме емоциите, револтот, гневот, незадоволството. Не молчиме. Не креваме раце туку-така. Затоа што… каква е – таква е. Една ни е. Таа, личноста. А, богами и татковината.
Ништо нема да постигнеме ако ги посочиме виновниците за неуспесите и пропуштените шанси. Нив ги знаеме. Стрелката на индиферентност со неверојатна брзина ми скокнува нагоре на внатрешниот термометар кога некој вината ќе ја префрли кон една партија и очекува дека со тоа го дал својот придонес кон татковината. Вака стојат работите низ мојата призма: и едните и другите и третите безмалку еднолично управуваа овие три децении со државата и ја делат одговорноста за тоа. Ништо немаме од стоење во место со вперен прст кон некоја група на луѓе.
Затоа, колку и да изгледа тоа невозможно, да ги проветриме гневот и инертноста. Да си го средиме својот тревник за да можеме да го здогледаме патот, па потоа сѐ друго.
Да го одбележиме денов правилно – им давам домашна задача на сите – и оние гордите, и оние изреволтираните, и оние индиферентните – да ги прочитаат стремежите од осми септември 1991 година и да одговорат на прашањето: Дали после три децении НИЕ ја оправдавме независноста?
Ако одговорот е не – да ги засукаме ракавите бидејки нè чека предизвикувачка деценија.
Ако одговорот е да – прочитајте ги стремежите одново.