пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Твитерот е опасен формат.
Глупоста која во некој роман едвај ќе се забележи, тука се појавува како планина која на сртот ја носи вистинската порака на авторот: Јас сум глупак!
Морате да бидете прецизен, точен, луциден, интересен, интригантен, писмен.
Особено ако сте амбициозен.
Инаку ризикувате да ја изложите својата голост.
Која е по правило одвратна.
Хипопотамска.
Човекот кој мисли дека налогот ќе биде убава перика за неговиот скалп или наметка за искривеното тело, а тој на јавната сцена се претвора во зборови што како парчиња облека му се симнуваат од месото и го разголуваат, не е само неписмен, туку е и глупав.
„Народе мој сонувам за големи работи за нашата земја, и не е доволно човека само да сонува, туку и да работи на остварување на тој сон.“
Треба ли да прашам кој е авторот на овој бисер?
Конкуренцијата не е мала, но сепак, лесно се познава дека оваа умосерина е дело на човекот кој мисли дека е лидер.
И сѐ уште се фура во форматот за кој мисли дека е трампистички.
Хахаха!
Мицкоски во позата на Мартин Лутер Кинг, во портокаловата перика на Дончо, со традиционалниот ментален пувеж на ветерот од североисточен правец.
Тоа е тоа.
Мицко мој, после „народе мој“ треба да дојде запирка, не само затоа што правописот налага така, туку и затоа што мелодијата на обраќањето на тоа место бара мала или малку поголема пауза, после „земја“ фино си турил запирка, но си го згрешил предлогот, „и“ не е за оваа место, можеби си требал да употребиш едно „но“. Конечно, никој не знае како си дошол на идеја човекот да го акнеш во падеж и тоа во погрешен падеж, се сеќаваш, си напишал „човека“…
И така натаму.
„Народе мој“ ја покажува болеста на човек кој мисли дека е месија кој не само што има право, туку и обврска да му се обраќа на народот како нешто свое.
Со спасителни формули.
И алхемии на сонот.
Нема поодвратна и поопасна фраза во политиката.
Нема народ, дир Мицко, нема народ кој слуша, нема твој народ.
Освен како платформа за кретенизација на луѓето.
Проект во кој вмро-дпмне постигна значајни резултати.
Многу грешки во толку краток текст, дир Мицко.
Ти можеш да мислиш дека ова е цепење на твоето курово влакно со секирата на јазикот, но, не е така.
Не знам дали си чул за Лудвиг Витгенштајн. Човекот рекол: „Ограничувањата на мојот јазик се ограничувања на мојот свет“.
А Хилс Милер напишал дека „Јазикот не е инструмент или орудие во рацете на човекот, покорно средство на мислењето, туку, спротивно, јазикот е тој што го промислува човекот и неговиот свет… ако човекот тоа му го дозволи.“
Нека да го споменеме и Роланд Барт: „Човекот не постои пред јазикот, ниту како врста, ниту како поединец.“
Повикувајќи се на Барт јас би рекол дека твојот јазик тебе те открива како личност по која народот, на кого му се обраќаш, жали што се појавила. Сега, на народот, му преостануваат две опции: Или да се надева дека ќе престанеш да пишуваш и зборуваш и така, на бартовски начин, да престанеш да постоиш или народот да ја земе својата и твојата судбина во свои раце и да те замолчи.
Односно да те изчезне.
Многу големи штети направи.
Во овие рефлексии, анализата на писмото и на јазикот истовремено е и анализа на твојата мисла. Односно на нешто што ти би сакал луѓето да го примат како мисла, а не е.
Не знам што те натерало да се асоцираш на големиот црнечки лидер, твојата расистичка организација нема да ти забележи ништо само затоа што нема поим кој е најпознатиот човек кој имал сон. И твојата политичка платформа е антилутерска, прашај го Села, можеби човекот го оставивте жив само затоа што не ви се виде доволно црн, прашај ги Авганистанците и Сиријците, хахаха, така што таа релација ќе ја вброиме во обидите за цинизам како повисока форма на изразот што постојано ти бега од дофатот.
Ти не си човек кој сонува.
Освен кошмари.
Можеби.
Човекот кој сонува не може да биде толку сиромашен во изразот, толку здрвен, толку бос, толку неписмен, толку злобен. Луѓето што сонуваат, на јаве се богати со асоцијации, метафори, илузии, заебанции, со хумор, со дух.
Ти си како мртов коњ кој рекол дека сонувал дека победил на трката во Епсом. Добро, ти не си мртов и не си рекол ништо во врска со Дербито во Епсом, но метафората многу добро го осликува твојот „сон за големите работи за нашата земја.“
Сакам да кажам: Лажеш дека си сонувал, лажеш дека си сонувал големи работи и лажеш дека си сонувал големи работи за нашата земја.
Немаш ти синапси и неурони за таков сон.
За каков било сон.
Можеби можеш да постигнеш некои резултати со помош на височествата на хероинот или кокаинот, мојата препорака е елесдито, вака – не.
Четири години употребуваш пет или шест зборови: Заев, Филипче, предавство на националните интереси, народот, народот кој врие, вмро-дпмне, ненародниот режим, смена на ненародниот режим, власт на вмро-дпмне.
Добро, испаднаа малку повеќе зборови, но јасно е дека толку и така ограничен човек не може да сонува.
А јас мислам дека и не чита, не гледа филмови и не слуша музика.
Освен Некст Тајм.
Хахаха.
Дефинициите за јазикот, Витгенштајн, Милер и другите, нѐ упатуваат не само на проблемите на Мицкоски, тие се, драги мои и дефиниции на општите хендикепи, за кои многу пати сум пишувал. Нашето најголемо богатство, јазикот, е истовремено нашата тешка заробеност (Ниче). Јазикот го ограничува нашиот свет, јазикот нѐ промислува нас и нашиот свет на многу ограничен начин, како низок плафон нѐ држи со наведнати глави, сиромашни во изразот, во мислата, во способноста да сфатиме што и зошто ни се случува, да се нурнеме под појавноста на работите, ситуација што драматично се влоши со дезелитизацијата на животот и на културата, со пожарот на неписменоста и на неморалот во кој изгоре медиумската сфера и со социјалните мрежи како јажиња на кои се беси разумот, нормалноста и културата.