По објавувањето на коментарот под наслов „Дали Митко Јанчев, за глас повеќе, си поиграл со лозарите и организирал „напад“ врз винаријата „Тиквеш“?“ денеска на Фронтлајн (12 септември 2021), во вечерните часови пристигна демант од градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Демантот го пренесуваме во целост:
Како актуелен градоначалник на Општина Кавадарци, интересите на моите сограѓани се секогаш на прво место. Така беше изминатите 4 години, така е и сега. Јас сум сѐ уште градоначалник на нашето Кавадарци, а тоа значи дека имам обврска да се грижам за нашата општина и за сите жители и тие се на прво место, а не некакви измислени бизнис интереси.
Тоа што компанијата Кожувчанка има бизнис партнерски релации со компанијата ВВ Тиквеш нема никаква врска со пласманот на грозје на лозаропроизводителите и со мојата градоначалничка функција.
Јас сум тука како градоначалник, како татко на градот кој веќе четири години ги слуша сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните и макотрпно, заедно со службите, изнаоѓаме решенија за истите.
Мојата поддршка за земјоделците и залагањето за изнаоѓање решение ќе продолжи и понатаму. Се соочуваме со сериозен проблем во кој нема место за политички игри и собирање поени. Маката и трудот на земјоделците не можеме да ги ставаме на кантар со предизборни кампањи и обвинувања.
Наместо да се шират непотребни и невистините информации подобро би било сите заедно да се вклучиме во изнаоѓањето на решение и да дадеме поддршка – напиша градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев во своето писмено обраќање до Редакцијата.
Демантот е објавен веднаш по неговото пристигнување на мејлот на Редакцијата.